Најавите за ревизија на Преспанскиот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, според американската амбасадорка Кејт Брнс предизвикуваат вистинска загриженост и граѓаните не треба да бидат збунети или заведени за тоа колкав е влогот во тој процес.
Ова таа го истакна во денешното интервју за телевизија Сител.
-Важно е да не се заборави дека добрососедските односи се предуслов за интеграција и членство во ЕУ и во НАТО. Ние знаеме дека Преспа беше компромис, имаше тешки преговори кои подразбираа отстапки од двете страни. Но, она што Преспа го направи е што конечно го откочи патот за Северна Македонија да стане НАТО-сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Но, уште поважно, и помогна на Северна Македонија да се придвижи напред од позиција на стагнација каде не можеше да се развива политички, економски со иста брзина како многу од своите соседи, во смисла на ЕУ-интеграцијата. Затоа мислам дека е многу важно да се има на ум дека не само што ЕУ го препознава значењето на одржувањето добри односи со соседите како дел од изгледите на Северна Македонија за ЕУ, туку навистина се работи за иднината на оваа земја, за тоа дали лидерите ќе можат да обезбедат таков економски раст и можности, работни места, трговија, странски инвестиции, какви што би сакале да се реализираат. Многу е важно да не се загрозува оваа извонредна трансформација која се случува. Дури и магазинот ,Економист’ на крајот на годината ја издвои Северна Македонија како најтрансформирана земја во 2019 година, главно поради решавањето на отворените прашања со соседите. Да се заштити таа трансформација, да се продолжи движење напред и да не се загрозат сите овие достигнувања со гледање наназад е нешто што се надеваме дека луѓето ќе го сфатат многу сериозно, вели Брнс.