Српската премиерка Ана Брнабиќ вели дека претседателот Александар Вучиќ ниту еднаш не ги искоментирал изборите во Црна Гора, иако спротивно се наведува во многу регионални медиуми. Таа денеска одговарајќи на прашања на медиумите по состанокот со македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека многу други политичари од регионот се изјасниле за своите фаворити на претседателските избори во Црна Гора.
„Видов на повеќе места во регионалните медиуми дека Александар Вучиќ се меша во изборниот процес во Црна Гора. Вистината е дека тој ниеден збор нема кажано за тие избори. Меѓутоа, многу други регионални политичари директно поддржаа одреден кандидат. Албин Курти, на пример, отворено го поддржа Мило Ѓукановиќ. И тоа на сите им е во ред и никој ништо не кажува, но затоа Александар Вучиќ се мешал во изборниот процес“ – кажа Брнабиќ.
„Мене никогаш во животот не би ми паднало на памет да снимам видео и да поддржам претседателски кандидат во која било земја освен Србија. Тоа би го сметала за навреда за таа друга земја и сите нејзини граѓани“, кажа Брнабиќ алудирајќи на Денис Беќировиќ, членот на претседателството на Босна и Херцеговина, кој сними видео со поддршка за Мило Ѓукановиќ.
Подвлече дека нејзина одговорност е јасно и гласно да ги каже фактите, иако во многу медиуми во регионот се создава поинаква слика.