Премиерката Ана Брнабиќ најави дека денеска напладне во Србија ќе пристигнат уште 46.800 вакцини од компанијата Фајзер, а утрово се испорачани 50.000 вакцини на Спутник и посочи дека во Србија досега се испорачани вкупно два милиона вакцини, јави допсиникот на МИА од Белград.
Брнабиќ за ТВ Хепи посочи дека Србија има потпишано договори за набавка на 12.332.200 вакцини, од кои пристигнале околу два милиони и дека за испорака останале околу 10 милиони вакцини.
Таа очекува во текот на март да пристигнат околу 600 000 дози.
Брнабиќ изјави дека е задоволна од процесот на вакцинирање и посочи дека многу земји зборуваат за успехот на Србија.
– Србија има 181.000 вакцинирани лица на милион жители и очекувам во следните 24 до 48 часа да ги престигнеме САД и да бидеме петта земја во светот според бројот на вакцинирани, истакна Брнабиќ.
Таа посочи дека Србија е прва во Европа според бројот на ревакцинирани, а втора во светот по Израел.
Вчера, потсети Брнабиќ, во Србија пристигнаа 150.000 вакцини АстраЗенека и истакна дека ревакцинацијата со таа вакцина не се добива по 21 ден, туку после 12 недели.
– За 12 недели ќе добиеме уште 150.000 дози на АстраЗенека, а тогаш ќе можеме да ги реакцинираме граѓаните, кажа Брнабиќ.
– Сепак, без оглед на добриот процес на вакцинирање, важно е вакцинираните да носат маски, бидејќи се покажа дека и тие можат да го пренесат вирусот до одреден степен дури и по втората доза, оцени таа, посочувајќи дека мора да се придржува до овие мерки сè додека не се добие колективен имунитет, што ќе биде наскоро.
Брнбиќ ја истакна моќта на Србија кон земјите од регионот во врска со донацијата на вакцини и изјави дека досега се донирани вакцини Спутник на Црна Гора и вакцини на Фајзер на Северна Македонија, но и дека медицинските работници од Република Српска се вакцинирани во Србија.
Таа посочи дека договорот со Русија е најфлексибилен и дека тие не бараат согласност доколку Србија одлучи да донира вакцина на некого, додека „Фајзер“ и „Синофарм“ ја бараат таа согласност.
– За донирањето на вакцини во Северна Македонија, работевме со партнерите од Фајзер за да ја добиеме таа согласност, претседателот Вучиќ дури оствари лични врски во САД за да побара од Фајзер да даде согласност, изјави Брнабиќ.