Болниците во Велика Британија се наоѓаат во критична ситуација, бидејќи привршува кислородот што се користи за лекување на заразените со коронавирус, изјави Саманта Бат-Роден, реаниматор од Националната здравствена служба и претседател на Здружението на лекари.
-Болниците остануваат без кислород. Единиците за интензивна нега бараат волонтери за да им помогнат на пациентите – напиша таа на Твитер.
Лекарката, исто така, додаде дека поради актуелната состојба сега е потребно пациентите да се пренесуваат и повеќе од 65 милји до најблиската единица за интензивна нега. Таа побара нејзината порака да се рашири насекаде за што повеќе луѓе да дознаат за состојбата со здравствениот систем.
На почетокот на декември во Велика Британија за првпат се проширија информациите за новиот вид на коронавирусот. Според експертите, новиот вид на вирусот е 70 отсто позаразен од вообичаено, но нема силни докази дека е посмртоносен.
Министерот за здравство, Мет Ханкок, изјави дека поради новата мутација на патогенот епидемиолошката состојба во земјата „е надвор од контрола“.