Британски научници почнаа со тестирање вакцина против корона вирус на животни

by Fokus

Научници од Велика Британија почнаа со тестирање вакцина против коронавирус на животни.

– Вакцината ја вбризгавме кај глувци. Се надеваме дека ќе ги добиеме нашите први резултати во текот на следните неколку недели и ќе видиме како нивните антитела реагираат на коронавирусот, рече Пол Мекеј од Империал колеџ во Лондон.

Кинеската државна агенција Ксинхуа објави дека Универзитетот во Шангај во неделата исто така почнал со тестирање вакцина на глувци, но притоа се повика само на локалните медиуми, бидејќи немаше официјално соопштение.

– Се надеваме дека ќе бидеме први што ќе ја воведеме оваа вакцина во клиничките испитувања кај луѓето, рече Меккеј.

Тој појасни дека по завршување на првата фаза од тестирањето на животните, што може да трае и неколку месеци, може веднаш да се почне со клинички испитувања на луѓето.

– Значи, можеби до крајот на оваа година ќе имаме вакцина погодна за употреба, истакна Меккеј.

Тој додаде дека сепак не се работи за натпревар кој прв ќе ја открие вакцината.

– Кинезите го споделија геномот со сите во светот. Затоа, не е правилно да се каже дека ова е натпревар. Јас би рекол дека тоа е заедничка трка, појасни Меккеј.

Голем дел од светските истражувања за коронавирусот се финансирани од Коалицијата за епидемиолошки иновации (ЦЕПИ), која е основана во 2017 година на Светскиот економски форум. ЦЕПИ им помага на компаниите со лекови заеднички да се борат против опасните болести.

Империал колеџ има сопствени извори на финансирање.

Поврзани новости