Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател денеска изјави дека ќе се повлече од функцијата кога Лиз Трас и официјално ќе ја преземе премиерската должност во Велика Британија.
Британските медиуми пренесуваат дека Пател поднесе оставка само неколку часа откако Трас беше прогласена за победничка на внатрепартиските избори за лидер на Конзервативната партија, за потоа по автоматизам да може да стане следниот премиер на Велика Британија.
Трас утре ќе треба да стане премиерка откако кралицата Елизабета Втора ќе ја покани да формира нова влада на прием во замокот Балморал во Шкотска.
„И честитам на Лиз Трас за нејзиниот избор за наш нов лидер и ќе ја поддржам како наш нов премиер“, напиша Пател во писмото со оставка до актуелниот премиер Борис Џонсон, кое го објави на Твитер.