Британката Кели Пул (39) почина лани во април за време на терапија со ладна вода, откако паднала во заледена река. Истрагата покажала дека нејзиното срце застанало. Пул на почетокот се смеела и се пошегувала со своите две пријателки откако влегла во водата, но набрзо се пожалила на главоболка и паднала во реката.
Таа била извлечена до бреговите на реката Гојт во Дербишир од терапевти и била повикана Итна помош, а болничарите констатирале смрт на местото на настанот. Вчерашната истрага покажала дека температурата на водата во тоа време била 10,7 степени Целзиусови, пишува Дејли Мејл.
Пул и нејзините пријатели резервираа третман за дишење и потопување во ладна вода кај инструкторот Кевин О’Нил, кој наплаќа околу 230 евра за ова искуство. О’Нил има 18.000 следбеници на Инстаграм и се опишува себеси како квалификуван инструктор и терапевт со ладна вода. Патологот Питер Нието во текот на вчерашната истрага изјави дека овој вид на терапија воопшто не е регулиран.
Алекс Килин-Фицџералд, пријател на жртвата Пул, рече дека таа и О’Нил вежбале техники на дишење пред да влезат во вода, но се чини дека тој брзал бидејќи неговата сопруга имала состанок подоцна тоа попладне. По вежбите за дишење во ладната вода влегле во костими за капење.
-Беше студено, но не и неподносливо студено. Кевин постојано не потсетуваше да дишеме правилно. На почетокот влеговме до половината. Ние три се држевме за раце, се смеевме и добро се забавувавме, изјави Килин-Фицџералд на сослушувањето.
Пул, мајка на три деца, набрзо се пожалила на главоболка, а О’Нил и предложил да и прска вода на лицето. Сакав да ги ставам рамената под вода кога ја забележав Кели како доаѓа кон мене. Мислев дека доаѓа кон мене, но потоа сфатив дека паднала во реката, изјавила Килин-Фицџералд.