Брисел цел на терористички напади

by Фокус

Белгискиот главен град утрово е цел на терористички напади. По двете експлозии на аеродромот во Брисел, во меѓувреме агенциите јавуваат и за експлозии во метро станицата Малбек, во непосредна близина на институциите на ЕУ. Според белгискиот јавен сервис ВРТ, експлозијата на аеродромот била самоубиствен бомбашки напад.

Десетици мртви и уште повеќе повредени во бомбашките напади кои утрово ја потресоа белгиската престолнина. Најмалку 23 лица загинаа, а 35 се повредени на терминалот за полетување на аерoдромот во Брисел каде одекнаа две симултани експлозии кои најверојатно се дело на бомбаш самоубиец. Малку подоцна експлозија одекна и во бриселското метро каде неофицијално загинале 10 лица а триесетина се повредени. Експлозијата се случила на станицата Малбек која се наоѓа во дипломатскиот кварт и во близина на институциите на ЕУ.

Белгиската полиција ги затвори аеродромот и сите метро станици, на улиците излегоа специјалните сили, сообраќајот е во прекин а во градот владее паника. Се стравува од нови напади а властите прогласија вонредна состојба. На граѓаните им е препорачано да останат во своите домови и да не комуницираат преку мобилна телефонија. Евакуиран е белгискиот парламент и владата додека на вработените во институциите на ЕУ им е наредено да не ги напуштаат работните простории.

 

Поврзани новости