Советот за надворешни работи на ЕУ вчера разговараше за ситуацијата во Македонија и уште еднаш ги повика македонските политички лидери да седнат на преговарачката маса и да создадат услови за веродостојни избори.
Како што истакна високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, постои многу јасна согласност меѓу земјите членки за потребата политичките лидери во земјата да се вклучат во отворен дијалог, да се имплементира Договорот од Пржино и да се создадат услови за веродостојни избори, да се развие владеењето на правото, да се поддржи работата на Специјалното јавно обвинителство и да се имплементираат реформските приоритети – соопшти за „Мета“ Маја Коцијанчич, портпаролката на шефицата на европската дипломатија.
Портпаролката, сепак, не прецизираше дали на вчерашниот состанок било разговарано за воведување санкции кон Македонија, иако шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, соопшти дека на состанокот се спротиставил на воведувањето санкции за Македонија со образложение дека тоа би било контрапродуктивно за нашата земја.