Меѓународната заедница од новоизбраната власт ќе очекува продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство за покренување обвиненија за случаите од прислушувањата. Неофицијално, не се очекува формирање на специјален суд туку специјално судско одделение. Дипломатски извори за 24 Вести, велат дека ваквата понуда веќе е на маса и ќе се разгледува по изборите.
Дипломатите брифираат дека Македонија и годинава ќе добие препорака за старт на преговори за членство во Европската унија условена со спроведување на фер избори и спроведување на итните реформски приоритети.
Потенцираат дека Брисел не е задоволен од тоа што активностите на Специјалното јавно обвинителство се користат за политички кампањи и повикуваат на безрезервна поддршка на неговата работа.
Сепак, од Брисел засега не сакаат да коментираат дали ќе преземат поостри мерки или санкции поради блокадата на работата на СЈО, ниту пак како сето тоа ќе се одрази на извештајот за напредокот на Македонија.
Од Европската комисија само потсетуваат дека политичките лидер во повеќе наврати се обврзале да ја поддржат и потпомогнат работата на СЈО, без да вршат опструкции.