Европската комисија очекува да продолжат демократските процеси во Македонија, да се избере нов претседател на Собранието, а потоа и нова влада, соопшти денеска на прес-конференција портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, одговарајќи на прашање како ги коментираат случувањата во македонскиот парламент.
– Го следиме развојот на настаните и постојано говориме, повеќепати нагласивме дека мора да се почитуваат резултатите од последните парламентарни избори, сегашната несигурност мора да заврши и влада мора да се воспостави без понатамошно одложување, базирана на парламентарното мнозинство кое постои – рече Коцинајчич.
Таа, исто така, потсети дека високата претставничка за надворешната полтика и безбедност, Федерика Могерини, и евокомесарот за проширување, Јоханес Хан, го повикаа претседателот да ја преиспита неговата позиција и да го додели мандатот за формирање влада на парламентарното мнозинство.
– Ние сега очекуваме сите политички лидери и институции да дозволат демократскиот процес да се одвива, а ова го вклучува и изборот на нов спикер, што ние би сакале да го видиме без одложување – рече Коцијанчич.
Извор: Мета