Алкалоид АД Скопје денеска го одбележа почетокот на кампањата по повод 40-годишниот јубилеј на еден од водечките брендови на компанијата „Бекутан“.
Почнувајќи со само пет производи „Бекутан“ наменети за нега на бебешката кожа во 1978 година, денеска производното портфолио на брендот брои 26 основни типови производи со над 50 различни форми на пакувања.
Генералниот директор и претседател на УО на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов, вели дека формулациите на продуктното портфолио се работени според најновите трендови во медицинската козметологија, во блиска соработка со врвни фармацевти, педијатри и дерматолози во земјава.
– Со повеќе од 200 милиони продадени парчиња производи, „Бекутан“ е синоним за постојан квалитет, доверба и лојалност. И во иднина, ние како компанија, ќе продолжиме да работиме сериозно и максимално посветено, за оваа наша заедничка успешна приказна да продолжи, истакна Мукаетов.
Маја Мизо, бренд-менаџер за „Бекутан“ посочи дека по повод 40-годишниот јубилеј, компанијата одлучила да подготви низа активности наменети за корисниците, посебно оние најмалите, меѓу кои: лимитирани трендовски пакувања од добропознатите шампон и пенлива купка; нови форми од водечкиот производ – препознатливиот „Бекутан“ крем, кои наскоро ќе бидат достапни на пазарот; „Вибер“ стикери за полесна и поинтересна комуникација; наградна игра со бројни интересни награди…
Во знак на благодарност за долгогодишната соработка во развојот на брендот низ годините, „Алкалоид“ им додели признанија за „Почесни бренд амбасадори“ на прим. д-р Марина Поп Лазарова, доц. д-р Катерина Дамевска, проф. д-р Катарина Ставриќ, прим. д-р Весна Деловска и проф. д-р Катица Пиперкова.
Како гест на благодарност за професионалниот и партнерски однос низ годините, „Бекутан“ додели јубилејни плакети на пет здравствени установи: Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, Клиничката болница – Тетово, Првата приватна општа болница „Ремедика“ и Клиничката болница „Аџибадем – Систина“.
Рангирани меѓу водечките брендови во сегментот „детска козметика“ на регионално ниво, „Бекутан“ производите се изработени од врвни суровини со проверен квалитет, исклучително благи формулации и уникатни рецептури, сигурни за употреба уште од првиот ден по раѓањето. Севкупниот производен процес се одвива во согласност со строгите стандарди за „Добра производна пракса“. Лидер во колекцијата е „Бекутан“ детскиот крем со продадени над 45 милиони парчиња.