Фолк пејачката Адријана Ацевска го погреба својот постар брат Петар пред три недели. Скршена од болка, таа раскажува дека изминатиот период за неа бил еден од најтешките, но сепак собрала сили и минатата недела повторно запеала. Вели дека тоа е нејзина професија и еден начин за бегство од реалноста.
-Петар секогаш беше моето рамо за плачење. Имаше 43 години, мојот постар брат, мој херој и утеха. Пред година и половина ја дознавме страшната дијагноза, леукемија. Борбата беше тешка, и се уште не можам да ја прифатам вистината. Ова беше уште една голема трагедија во моето семејство, уште една мачна судбина. Пред десет години ја изгубив мајка ми, почина од рак, и тогаш ги откажав настапите, потонав во тагата. Сега решив дека ќе се борам со болката на мој начин, затоа што добро знам како функционирам. Две недели по погребот по моја иницијатива се вратив на настапите, го зедов микрофонот и ги задушив солзите со песна. И брат ми ќе го сакаше тоа, да продолжам напред – раскажува битолчанката.
Во душата разорна болка, на усните песна и насмевка, вака изгледа животот на многу наши фолк пејачки. Повеќе од нив се соочиле со семејни трагедии, но за многу случаеви јавноста никогаш не дознала. Безброј пати ги проголтале солзите и пееле и ги расположувале гостите во разни локали.
Погребале свои родители, партнер, блиски роднини, и пак собрале сили да се вратат пред публиката. Благица Калева, Андријана Андреевска, Јуле Кисми, Силвана Крстовска, се само дел од низата на жени кои го оставиле срцето на сцената, додека во себе се бореле со тагата поради загубата на блиски луѓе. И виртуозот на гитара, Влатко Стефановски само три месеци по смртта на неговата сопруга одржа три големи концерти во март годинава, настапувајќи професионално, без публиката да може и да претпостави каква битка води тој во себе.
Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев изгуби три блиски членови на семејството за краток период, но се врати на сцената со нови материјали и хуманитарен концерт. Тогаш ни кажа дека враќањето на музиката го посветува на сите драги луѓе кои го напуштиле и како на првиот настап му треперел гласот од болка, но собрал сили и продолжил.
-Две таблети за смирување пред настап, и продолжуваме со животот, колку и да ни е тешко – во неколку наврати ни имаат изјавено некои од пејачките кои изгубиле блиска личност, по враќањето на естрадата.
Адријана, која што за прв пат се појави на сцената уште како мало девојче, на детските фестивали, целиот свој живот го посвети на музиката. Откако пред повеќе години ја сними песната „Кеш“ за која што и самата кажуваше дека е духовита и снимена со цел да го расположи народот и да му ги тргне лошите мисли барем на кратко, веднаш потоа го доби и уметничкото име – Адријана Кеш. Има редовни настапи во локали во земјава, а често е гостинка и кај нашата дијаспора. Тие кои што и биле на настап за неа знаат да кажат дека кога ќе започне да пее, целосно се внесува во песната и не го остава микрофонот со часови.
Настапи на хуманитарни концерти никогаш не одбива. Пееше за многу деца на кои им е потребно скапо лекување, за социјално загрозени семејства чии достоинствени услови за живот зависеле од хуманоста на народот. Повеќе пати има настапувано или пак се има вклучено и во акции за собирање на финансиска помош за деца болни од леукемија, но никогаш јавно не ги истакнуваше тие информации. Во Битола е позната како голема хуманитарка, која по секоја турнеја надвор од земјава задолжително донира на свои сограѓани.
Вики Клинчарова