Божиновски: Се видов со Јанакиески еден ден пред да не притворат, но не разговаравме за бегство

by Fokus
Обвинетиот поранешен генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски денеска пред Апелациониот суд изјави дека со Миле Јанакиески се сретнал еден ден пред да бидат приведени и однесени во притвор, но дека не разговарале за никакво бегство.

-Со Јанакиески остварив случајна и неформална средба на јавно место, во присуство на сведоци и ми кажа дека разговарал со претседателот за актуелни случувања, но во ниту еден момент не ми кажа дека се разговарало за она што е причина за овој притвор. Вечерта пред моето приведување бев во својот дом и се подготував за утрешното рочиште на Титаник – рече Божиновски.

Тој пред судот го осуди бегството на Груевски и рече дека со тоа предизвикал непоправлива штета.

-Најостро го осудувам ваквиот чекор, кој носи непроценлива штета по сите процеси во државата. Но не може со нечие поведение да се прави паралела со друг обвинет. Секој си носи последици за своите постапки – додаде Божиновски.

Како аргумент за да му се укине притворот тој рече дека е татко на две малолетни деца и дека има сопруга со нарушено здравје, но и дека не е точно дека има банкарски сметки во друга земја.

-Никогаш не сум поседувал ниту сум размислувал за отворање на такви сметки. Имам банкарски сметки само во мојата држава што на обвинотелството му се добро познати – рече тој и побара од Апелација да му го укине притворот.

Наспроти тоа обвинителката Лиле Стефанова побара Апелација да ја потврди одлуката на Кривичниот совет.


-Во конкретно време добиени се конретни сознанија дека Божиновски и Јанакиески спремаат бегство. Освен тоа во Титаник има 21 обвинет, а побаран е притвор за две лица. Бегството на едно лице не произведува сомнеж дека ќе бегаат сите лица во оваа постапка – поентираше Стефанова.

Со ова заврши јавната седница инза Божиновски. Останува Апелација деновиве да донесе одлука по однос на жалбите.


М.В.


Поврзани новости