Новинарот Зоран Божиновски, во истражниот затвор во Шуто Оризари изминатава недела штрајкувал со глад, меѓутоа ниту неговиот адвокат ниту Народниот правобранител не знаеле до денеска, бидејќи не биле известени од управата на затворот и покрај неговите барања.
Ова го соопшти денеска првиот човек на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.
Божиновски, денеска преку својот адвокат порача дека или судијката Сандра Крстиќ ќе го ослободи или тој бил решен да му заврши животот во притвор.
И ЗНМ ја повика судијката Крстиќ веднаш да го укине притворот, бидејќи во спротивно, како што изјави Насер Селмани, таа ќе биде одговорна за евентуалните последици по неговото здравје и животот.
– Ние сме многу загрижени за неговата здравствена состојба која е сериозно влошена откако изминатите седум дена одбил да прими и храна и вода. За една недела тој е ослабнат 20 килограми и дневно прима два пати инфузија за да се одржи во живот – вели Селмани.
Според него случајот против Божиновски е политички процес, за да се замолчи еден новинар и да се дисциплинираат другите.
Инаку, укинување на мерката притвор за осомничените во „Шпион” денеска побара и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на Седницата на собраниската Комисија за политички систем.
-Барам сите луѓе опфатени од притвор да се пуштат. Јас не сум за мерката притвор, само кажувам дека е различен пристапот на судот за Обвинителството за организиран криминал и СЈО. Да ви кажам, во преметот Шпион кој го застапуваме пред Апелационен суд има луѓе кои по 4 години се во притвор. Три пати бараме за секој обвинет да се пушти од притвор, Апелација одбива – рече Јанева.