Анкетните листови на владините функционери се јавно објавени на страницата на Антикорупциска комисија, а дали се точни и колку се веродостојни, тоа никој не може да гарантира. „Фокус“ се обиде да „пресмета“, колку во недвижности „тежат“ премиерот и неговите министри.
Според пресметките, се доаѓа до вртоглава сума од над 4 милиони евра, луксузни куќи и станови, кои ги поседуваат во Македонија и во странство. Од скопски Центар, Влае, Карпош, па сѐ до Шпанија, Португалија, Србија, Бугарија…
Владата, на чело со Мицкоски, брои 24 члена, од кои, за овие помалку од две години, нема некои позначителни промени. Анкетните листови се јавно објавени на страницата на Антикорупциска комисија, а дали се точни и колку се точни, тоа никој не може да потврди.
„Фокус“ се обиде да „пресмета“ колку во недвижности тежат премиерот и неговите министри, а, според пресметките, се доаѓа до вртоглава сума од над 4 милиони евра, преточени во луксузни куќи и станови, кои ги поседуваат во Македонија и во странство.
Сепак, ако се отвори официјалната страница на Државната комисија за спречување корупција, може да се забележи дека меѓу „најскромните“ од сите е првиот човек на владата, Мицкоски. Тој, лично, на негово име поседува само куќа во скопската населба Влае од 343 квадратни метри, во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Иако досега постоеја бројни шпекулации во јавноста дека премиерот поседува и друг недвижен имот, кој поради „скромноста“ не фигурира на негово име, сепак тој во неколку наврати демантираше.
Прва на листата, како најголема богаташка во овој владин состав, е министерката за енергетика, Сања Божиновска. Нејзиниот имотен лист покажува дека поседува шест луксузни стана, со што пријавила живеалишта вредни над 1 милион евра.
Таа поседува два стана во Центар, едниот со површина од 87 квадратни метри, а другиот од 60 квадратни метри. Поголемиот стан вреди 80.000 евра, а помалиот 60.000 евра. Исто така, поседува две земјоделски земјишта во Скачковце и друг недвижен имот во Центар од 402 квадратни метри, кои фигурираат како помошни простории.
Поседува и четири стана во странство, од кои два во Шпанија, еден во Португалија и еден во Србија. Едниот стан во Шпанија вреди 335.000 евра, а другиот 225.000 евра. Станот во Португалија е проценет на 162.000 евра, а станот во Србија 157.476 евра.
Веднаш по неа, високото второ место го зазема актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тој, само за два стана, дал дури 540.000 евра. Тошковски поседува стан во Центар, 1 од 146 квадратни метри и истиот вреди 300.000 евра. Стан поседува и неговата сопруга во скопската населба Злокуќани со површина од 115 квадратни метри, кој вреди 240.000 евра. Исто така, анкетниот лист покажува дека министерот за внатрешни поседува и две градежни земјишта во Ајватовци на површина од над 5.000 квадратни метри.
Инаку, СДСМ, пред една година, ги обвини Тошковски и генералниот секретар на владата, Игор Јанушев, за прикривање имот од 400.000 евра во зграда, во центарот на Скопје, а тие ги демантираа овие обвинувања.
Од друга страна, нивниот коалициски партнер од ЗНАМ и министер за администрација, Горан Минчев поседува станбена куќа со двор, кои вредат 352.844 евра. Тој поседува станбена куќа во Бутел со површина од 329 квадратни метри и вреди 231.869 евра. Пријавен е и двор со површина од 317 квадратни метри и вреди 120.975 евра.
Богат имотен лист има и актуелната министерка за финансии, Гордана Димитриоска-Кочоска. Таа поседува стан од 59 квадратни метри во Центар, вреден 94.860 евра. Исто така, нејзиниот брачен другар има стан во истата населба. Станот има површина од 77 квадратни метри и вреди 154.751 евро, а двата стана вредат вкупно 249.611 евра. Но, тоа не е сѐ. Тие располагаат и со градежно земјиште во Горно Соње со површина од 213 квадратни метри, со вкупна вредност од речиси 215 илјади евра.
Целосна спротива пак од нив, па и како „најсиромашен“ во владата на Мицкоски е актуелниот министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој цел живот плива во политичките води. Ги има поминато сите фази, а сега веќе е на врвот на министерската позиција, па и како десна рака на првиот човек во владата.
Во неговиот анкетен лист може да се забележи дека поседува само градежно изградено земјиште во Охрид и тоа на име на сопругата. Никаде не може да се види што и како поседува во Скопје, каде што во моментов живее и работи. Или, според имотниот лист во главниот град, тој и неговото семејство немаат живеалиште.
Ирена МУЛАЧКА