Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, изјави денеска дека Владата ќе го почитува ставот на професорката Мирјана Најчевска да не учествува на јавната дебата за уставните измени. Тој додаде дека сепак Владата жали што Најчевска одлучи да ја одбие поканата, со причина дека на истата дебата ќе учествува и професорот Владо Поповски.
-Го почитуваме ставот на професорката Најчевска, тоа е нејзин став, го кажа лично и го почитуваме тоа дека не чувствува потреба да дебатира на јавната дискусија. Изразуваме жалење што нема да учестува, но тоа не значи дека нејзиниот глас не е послушан – изјави Бошњаковски.
Јавната дебата, инаку, ќе има пет дела, кои ќе се одржат во Скопје, Тетово и Штип. Освен професорот Владо Поповски, на дискусиите како говорници ќе се јават професорите Љубомир Фрчковски, Владо Камбовски, Светомир Шкариќ, Ѓорѓи Спасов, Маргарита Цаца Николовска, Беса Арифи и Абдулменаф Беџети.