Владата нема да и дозволи на опозицијата да ги направи граѓаните на Република Македонија заложници на партиски интереси. Отсуството на одговорност кај опозицијата нема да дозволиме да биде пречка за изразување на волјата на мнозинството граѓани, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, во врска со одлуката на Владата да предложи измени во Изборниот законик со цел да се одблокира формирањето на ДИК.
Како што рече Бошњаковски, волјата на граѓаните ќе биде изразена на слободен и демократски организиран референдум, како што е предвидено. Владата, додаде тој, остава простор за дијалог, но доколку опозицијата, рече, продолжи да ја блокира македонската иднина, измените на Изборниот законик ќе се донесат по скратена псотапка.
– Или политички консензус или измените влегуваат по скратена постапка. Време е опозицијата да докаже дали навистина е за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Оставаме можност и се надеваме дека опозиција на лидерската средба утре ќе покаже волја, конструктивност и ќе се надмине себеси во нејзиното политичко однесување и ќе заземе поинаков став, против блокади, а за поддршка за стратегиските цели – порача Бошњаковски.