Судскиот процес „Ровер“ за ликвидацијата на Марјан Тушевски и Киро Јанев продолжи со завршни зборови. Екс- министерот за полиција, Љубе Бошкоски имаше можност за последен пат, пред објавата на пресудата, да зборува за случајот.
Според него, ќе било комично да бара ослободителна прсуда од суд кој учествува во политички монтиран процес. Сепак, тој го искористи правото да му се обрати на судот и упати сериозна критика.
„Имам докази за телефонски разговор во кој се посочуваат висините на казните. Знаеме и места во Скопје, поточно една кафеана каде што се договарале казните, не само за мене, туку и за другите обвинети. Во една таква ситуација, кога судската власт е нем послушник и извршител на наредбите на власта, ние имаме уништена правна држава“- рече Бошкоски.
Додаде дека со неговото барање, од пред неколку рочишта, да му се изврши психијатриско вештачење на судијата во предметот Илија Трпков не мислел никого да навреди, туку да помогне.
„Мислев дека на овој начин судиите треба да си ги отворат своите души и да кажат за условите во кои работат, а кои веќе стануваат неподносливи„- рече Бошкоски.
Тој предупреди дека судијата водејќи го процесот паралелно си го пишувал обвинителниот акт за себе. Наведе три елементи поради кои, според него, судијата Трпков треба да одговара. Првата грешка на судијата било тоа што, иако знаел дека двајца од таканаречените извршители на убиството не се српски државјани туку босански, но тој никогаш не ги барал во Босна. Втората грешка, според него, е изживување на судијата врз немоќни лица, мислејќи на останатите обвинети, кои според него, незаконски се држат во притвор. И на крајот, обвини дека судијата Трпков криел докази.
„Лажно е тврдењето дека МВР во 2001-та година по убиството не реагирало. На лице место излегла полицијата, како истражен судија и јавен обвинител, по што во МВР била изготвена кривична пријава и отворена истрага. Мене не ми е јасно што сме можеле да сториме повеќе, но овие докази дека во 2001-та се водела постапка не ни беа доставени, иако постојат“- критикуваше Бошкоски.
Тој во говорот истакна дека му се кинело срцето кога на судењата ја гледал мајката на Киро Јанев и ќерката и таткото на Тушевски, додавајќи дека никој немал право да одземе живот.
По завршните зборови на сите обвинети ќе следува пресуда на првостепениот суд. Тоа ќе биде втора негова пресуда, откако првата, со која Бошкоски беше осуден на 12 години затвор за помагање при ликвидацијата, беше укината од повисокиот суд и вратена на ново судење.
На крајот Бошкоски уште еднаш повтори дека неговиот денешен говор не бил завршен збор.
„На крајот на умот не ми е од вакво растурено и дерогирано тело да барам ослободителна пресуда. Тоа би било многу комично. Напротив, со денешниов говор сакав да ги предупредам да размислат и да се припремат за обвинителниот акт, кој ќе им биде напишан“ – заврши Бошкоски.