Борусија (Д) му ја „потпиша“ титулата на Баер, по седум години „милионерите“ го победија Баерн во Минхен

by Fokus

Фудбалерите на Борусија Дортмунд го совладаа Баерн Минхен со резултат 2:0, во 28. коло од Бундес лигата.

„Der Klassiker“ целосно им припадна на „милионерите“, кои со овој триумф дополнително му помогнаа на Баер Леверкузен.

По почетната иницијатива на Баерн, Борусија во 10. минута направи учебничка контра, а Адејеми ја погоди мрежата на Баварците.

Во продолжение на средбата се виде иста слика – гостите бараа шанса од контра, додека домаќинот го диктираше темпото.

Во 52. минута Улрајх ја сочува мрежата на Баерн по ударот на Нмех, но во 83. минута сепак мораше да ја извади топката од мрежата. Борусија изведе одличен контранапад, Але му ја додаде топката на Рајерсон кој со прецизен удар ја погоди „малата мрежа“.

До крајот на натпреварот Кејн успеа да ја затресе мрежата во 89. минута и да постигне почесен гол за домаќинот, но истиот беше поништен по интервенција од ВАР поради офсајд.

За потсетување, ова е прва победа на Борусија Дортмунд на „Алијанц Арена“ по седум години. Милионерите последен пат триумфираа на овој стадион на 17 април 2017 година, во полуфиналето на Купот на Германија со резултат 3:2.

По ова коло Баерн ја зазема втората позиција на табелата во Бундеслигата со 60 бодови, 13 помалку од водечкиот Баер Леверкузен.

Од друга страна, Борусија Дортмунд е четврта на табелата со 53 бодови.

Поврзани новости