Бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави денеска дека доаѓањето на европските лидери во Софија за Самитот ЕУ-Западен балкан и нивното запознавање со проблемите со кои се соочува регионот претставува успех, но на крајот се зависи од самиот Западен Балкан.
На отворањето на конференцијата „Дијалог со Западен Балкан: Создавање подрачје на раст, безбедност и поврзаност на патот кон Европа“, Борисов изјави дека сите европски лидери го сфаќаат значењето на железничките коридори, автопатишта, дигиталната инфраструктура и пристаништа во регионот.
Според него, лидерите на Светска банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, кои се присутни во Софија, ќе можат да добијат вистинска претстава за тоа што и како ќе финансираат.
– Убеден сум дека Балкан ќе стане едно од најдобрите места за живеење во Европа, оцени Борисов.
Бугарската министерка за надворешни работи Екатарина Захариева изјави дека земјите од Западен Баслкан покажуваат дека се спосбни за примена на реформи и решавање на билатералните спорови.
– Прво треба да покажеме дека можеме да живееме во сегашноста, да го оставиме минатото зад себе и да соработуваме, изјави Захариева. Таа предупреди дека и покрај тоа што во ЕУ има противници на брзото проширување, бесконечното одложување ги обесхрабрува граѓаните на Западен Балкан.