Помирувањето, регионалната соработка и одржувањето добрососедски односи се клучните фактори за европска интеграција на Западен Балкан, изјави премиерот Бојко Борисов пред учесниците на лидерската средба „Стратешки дијалог за Западен Балкан“ во Женева.
Според него, за да има стабилност и економски прогрес и за да се промени имиџот на регионот во позитивна насока, старите тензии, како и говорот на омраза и ксенофобијата треба да останат во минатото.
Тој смета дека минатото може да се надмине врз основа на споделените вредности како толеранција и взаемна доверба.
Борисов ја истакна важноста на регионалната соработка и го посочи Берлинскиот процес како еден од многуте успешни примери во таа насока. – Бугарија докажа дека е земја – членка која може успешно да ја преземе одговорноста за развојот на европскиот проект. Ова исто така ни дава доверба дека успешно ќе се справиме и со претседателството на Берлинскиот процес, што е следниот предизвик за нас, рече премиерот.
Премиерот Бојко Борисов се осврна и на Република Северна Македонија и Албанија, барајќи од нив да не се откажат од нивните напори на патот кон членството во ЕУ. Според него, без обесхрабрување, тие треба да продолжат да работат со засилено темпо во насока што гарантира најголема шанса за успешен развој на целиот регион на Западен Балкан – европските интеграции.