Вработен во МВР: Прво сликавме граѓани од Косово, па од Пустец, незаконски се изработија од 500 до 600 лични карти

by fokus 13:57
13:57

На денешното рочиште за случајот „Титаник“ сведочеа неколку сведоци вработени во МВР, кои појаснуваа како се кршела законската процедура за издавање на македонски државјанства и лични карти за граѓани од Косово, како и лични карти на граѓани од Пустец и Гора. Злоупотребите се правеле во изборниот период, односно во 2012 -2013 година.

-Се до крајот на 2012 година се работеше според закон, а потоа еден период се работеше и малку на поинаков начин. Во тој прериод надредената, Оливера Димчева, ми донесе плико во кое имаше барања за сликање. Во нив недостасуваше решението за жителство, но ми рече да се одобрат барањата, а отпосле ќе се достават документите кои недостасуваат, а и подоцна ќе ми каже за што се работи, рече сведокот Емес Али.

Тој појасни дека подоцна стигнале уште повеќе барања, кои откако ги одобрувал ги враќал назад кај шефицата.

- Advertising -

-Првите барања за лични карти беа од Гора и од областа Пустец, кои добиваа лични карти од општина Центар. Готовите лични карти му ги давав на Мунир Пепиќ, а тој се потпишуваше на обрасците, дополни сведокот.

И наредниот сведок, Феркус Али, сведочеше дека секогаш постапувале по закон, освен периодот од крајот на 2012 и почеток на 2013 година.

-Еден ден ми се јави советничката Оливера Димчева. Ми рече ќе дојде Мунир Пепиќ, после 16.30 часот за да се слика за лична карта. Во 17 часот дојде Пепиќ и со него имаше уште двајца-тројца со барања за лична карта, и ми рече да се сликаат. Во системот видов дека се од дијаспората, односно живеат во странство. Му реков дека им треба постапка за жителство за Град Скопје. Тој ми рече дека е договорено со началничката Јадранка Гулевска вака да се примаат. По тоа и се јавив на Димчева, а таа ми рече дека началничката и рекла само да се примат барањата и да ја барам Гулевска. Кога и се јавив ми рече дека е договорено со МВР и така е одлучено, а документацијата ќе се доставела отпосле. Ми рече јас стојам зад оваа работа, не се секирај. Ми посочи и трите барања да се стават во посебен плик, рече сведокот.

Тој дополни дека по една недела советничката Димчева му се јавила и му најавила дека ќе имаат и други вакви случаи а контакт лице ќе биде Пепиќ.

-На почетокот на 2013 година  овој период се носеа луѓе од Косово, а потоа помасовно се носеа луѓе од Пустец, Албанија, а имаше и тројца од Гази Баба за да се сликаат за лични карти од Центар, рече сведокот.

На прашањето на обвинителката Лиле Стефанова колку лични карти се изработиле на овој начин, сведокот рече: „Прецизна бројка немам,  но стануваше збор за 500 до 600 лица“.

Адвокатот на Мунир Пепиќ, Еленко Миланов, го праша сведокот дали наредбата за сликање ја добил од Пепиќ, а сведокот одговори со „НЕ“. Но, на прашањето на обвинителката Стефанова, дали доколку луѓето не биле во придружба со Пепиќ, дали и тогаш  ќе ги сликал, сведокот не можеше да  одговори бидејќи судот не го дозволи прашањето, прифаќајќи ги приговорите на адвокатите.

Тогаш обвинителката Стефанова праша: Дали имало ситуации кога граѓани од Пустец доаѓале на сликање без Пепиќ, сведокот одговори: „ Им реков да се вратат на сликање со Пепиќ бидејќи така ми беше кажано од надредените“.

Во случајот „Титаник“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

В.В.

 

 

Поврзани новости