Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел денеска во седиштето на НАТО пред почетокот на министерскиот состанок не даде одговор кој е неговиот став за испраќање воени авиони на Украина.
На новинарското прашање „Која е вашата позиција за испраќање борбени авиони?“, Борел само кусо одговори:
„Да видиме.“
Тој рече дека Украина повторно ќе биде висока на агендата на овој министерски состанок и дека ќе се разговара за продолжување и засилување на поддршката за Украина.
Сите ќе ги презентираат своите предлози и сум сигурен дека ќе продолжиме да обезбедуваме воена помош за Украина да може да се соочи со агресијата. Оваа агресија е брутална. И денес таа продолжува врз цивилна инфраструктура со многу жртви. Нема знаци дека Русија сака да ја сопре војната, рече Борел.
Прашањето за испраќање на борбени авиони ќе биде едно од најтешките кое ќе се дискутира на министерскиот состанок што денеска и утре се одржува во седиштетето на НАТО во Брисел. Украина бара итно испраќање на борбени авиони со цел да може да и се спротивстави на Русија, но дилемата во НАТО е како Русија ќе реагира доколку тоа се случи.
За Фокус од Брисел
Катерина Смилева Божиновска