Борел со Милатовиќ: Црна Гора е најнапредната земја кандидат

by Fokus

Високиот претставник на Европската унија, Жосеп Борел, денеска во Брисел изјави дека Црна Гора постигнала најголем напредок во евроинтеграциите меѓу сите кандидати.

По средбата со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, тој за новинарите изјави дека Црна Гора е „важен сојузник“ на Европската унија (ЕУ).

„Фактот што го избравте Брисел (за вашата прва посета во странство) е демонстрација на вашата силна посветеност на европската интеграција на Црна Гора. „Всушност, Црна Гора напредуваше најмногу од сите кандидати за пристап, таа е важен сојузник и идна членка на Европската унија“, рече Борел.

Тој додаде дека во последната деценија Црна Гора била „сто проценти усогласена“ со позициите и одлуките на ЕУ.

„Се разбира, на некои луѓе не им се допаѓа овој принципиелен став и се обидуваат да ја поткопаат стабилноста, безбедноста на Црна Гора и нејзиниот пат кон ЕУ. Затоа, нашиот одговор мора да биде да ја нагласиме нашата поддршка особено во областа на заштитата од странско мешање и сајбер закани“, додаде Борел.

На конференцијата, Милатовиќ им се заблагодари на Европската комисија и Европската унија за поддршката што и ја даваат на Црна Гора преку „досегашниот демократски и економски развој“.

„Мислам дека посветеноста, техничка и финансиска, што ја покажувате на нашата земја и на Западен Балкан е многу ценета. Втората порака е дека процесот на проширување и пристапување на Црна Гора во ЕУ трае долго. Во моментов во земјата постои јасна политичка волја за завршување на пристапувањето во ЕУ“, рече Милатовиќ.

Тој посочи и дека започнал дијалог со различни политички партии во земјава, „се надевајќи се на успех во спроведувањето на реформите во областа на владеењето на правото, економијата“, кои се неопходни за деблокирање на процесот кон ЕУ.

„Со овие три важни пораки дојдов во Брисел, на мојата прва официјална посета, со голема надеж на црногорскиот народ дека Црна Гора ќе биде следната членка на ЕУ, со оглед на тоа што сега има политичка волја во земјата, експертиза и адекватни капацитети за да се заврши овој долг процес“, рече Милатовиќ.

 

Поврзани новости