Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, денеска ги повика конфликтните страни во Судан да го прекинат огнот и да обезбедат безбедна евакуација на граѓаните на другите земји.
Борел на „Твитер“ објави дека разговарал со генералот Абдел Фатах ел Бурхан и со генералот Мохамед Хамдан Дагал, кои ги повикал на итен прекин на огнот.
Тој инсистираше на потребата да се заштитат цивилите и да се гарантира безбедна евакуација на граѓаните на ЕУ.
Ситуацијата во Судан ескалира поради несогласувањата меѓу командантот на армијата Ел Бурхан, кој е и шеф на Суверениот совет, и шефот на силите за брза поддршка Дагал, кој е негов заменик во Советот.
Судирите избија на 15 април во близина на воената база во градовите Мерова и Картум.
Според суданското Министерство за здравство, повеќе од 600 луѓе загинале во судирите.
Светската здравствена организација соопшти дека во судирите загинале 413 лица, а околу 3.500 се повредени, пренесе ТАСС.