Високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска ги повика руските власти веднаш да го ослободат опозиционерот Алексеј Навални, додека САД ја осудија оваа одлука.
Европска Унија повикува на негово итно и безусловно ослободување, напиша Борел на Твитер додавајќи оти новата пресуда против Навални е „политички мотивирана“.
„Ова е неправеден крај на неправеден процес“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Се додава дека Кремљ со години се обидува да го замолчи Навални и дека со новата процедура руските власти уште еднаш покажале дека оние кои се осмелуваат да го критикуваат режимот не можат да сметаат на правично судење.
„Со години, Кремљ се обидуваше да го замолчи Навални и да спречи неговите повици за транспарентност и одговорност да стигнат до рускиот народ. Со спроведувањето на ова последно судење во тајност и ограничувањето на пристапот на неговите адвокати до наводните докази, руските власти уште еднаш ја илустрираа и неоснованоста на нивниот случај и недостатокот на правична постапка што им се овозможува на оние кои се осмелуваат да го критикуваат режимот“.
Рускиот суд денеска го осуди Алексеј Навални на дополнителни 19 години затвор поради екстремизам. Тоа е трета затворска казна и оваа е најдолга.
Најжестокиот 47-годишниот критичар на рускиот претседател Владимир Путин веќе издржува 11-годишната затворска казна под обвинение за измама и други наводни злосторства, за кои тој тврди дека се исто така лажни.
Неговото политичко движење претходно беше прогласено за нелегално и означено како „екстремистичко“ од страна на руските власти.