Општество на солидарност, емпатија и социјална правда е наша врвна цел. Да ги поддржуваме ранливите групи граѓани, да создаваме свет на силни индивидуи со еднакви права, да подаваме рака на секого кому е потребна и да не оставаме никој по патот што го чекориме.
Пишува: Перо КОСТАДИНОВ
Зад нас е месецот на значајни датуми што поттикнуваат на рамноправност и инклузија, како вредности во кои веруваме и на кои сме посветени.
Се работи за Меѓународниот ден на жената и Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром. Како датуми се потсетник за суштинските процеси што сме ги почнале и од кои не треба да отстапиме.
Прашањата за правата на лицата со попреченост не се споредни. Се работи за значајни прашања, кои ја отсликуваат состојбата во едно општество, како и човечноста на индивидуите и нивниот капацитет за праведност.
Лицата со Даунов синдром, нивните права, како и правата и можностите на сите други лица со попреченост се показател, колку општеството е хуманизирано, како и колку е подготвено да се развива во иднина.
Дали тоа е втемелено врз основите на солидарноста, праведноста и човечноста како вредности или, пак, напротив, колку тоа развива ретроградни процеси, ја негува неправдата, нема капацитет за доброто и се стреми кон распаѓање.
ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО РАЗНИ ОБЛИЦИ
Сведоци сме на голем број исклучувања, дискриминација во разни облици и непрепознавање на нивните потреби. Државата ја држи темата отворена и бара начини да ги промени состојбите кон подобро.
Групните домови, персоналната асистенција, дефектолозите и сите стручни соработници во образованието, како и финансиската поддршка, се само дел од мерките кон целта што ја имаме поставено.
Особено е важна улогата на семејствата со лице со попреченост и здруженијата на граѓани што го држат општеството будно по ова прашање и директно учествуваат во процесите што ги водат институциите.
Искрено верувам во посветеноста на сите кон прашањето за правата на лицата со попреченост и потенцијалот на целокупната заедница да се развива преку солидарноста и емпатијата како универзални вредности.
Втор значаен датум од месецот зад нас е Меѓународниот ден на жената. Се работи за ден што ја симболизира борбата за еднаквост и ефикасноста на женскиот активизам наназад низ годините. Денот на жената нѐ потсетува на пркосот на обесправените и баналноста на обесправувачките норми што опстојуваат со векови.
Имено, историјата на машко-женските односи нè учи дека жените традиционално владееле со домот, додека мажите со јавната сфера. Крајот на 19 и почетокот на 20 век е одбележан како период во кој жените покажуваат интерес за политичките права и учество во креирањето на јавната сфера.
Преку бројни протести во тој период, жените бараат право на глас бидејќи веруваат дека со тоа можат да влијаат врз државната политика и севкупните состојби. Овие се процеси што отсликуваат еден период на трансформација и демократизација на општествата низ најголемиот дел од светот.
ДА СОЗДАДЕМЕ ЗАЕДНИЦА НА РАМНОПРАВНИ
Како заедница, одбележуваме период на големо движење во сферата на женските права. Се менуваат законите, се зајакнуваат капацитетите и се поставуваат стандарди за присуство на жените во политиката.
Заедно креираме систем што е праведен и поттикнува на еднаквост. Особено учество во процесите на позитивна трансформација имаат жените социјалдемократки и активистките на кои им честитам за посветеноста кон целта што е поставена пред нив.
Жените во политиката отвораат нови перспективи и секогаш ја препознаваат суштината. Тие водат, вклучуваат и победуваат.
Ова борба е заедничка. Целта е иста. Повеќе жени на највисоките политички функции, повеќе жени во бизнисот, повеќе жени во правосудството и во сите други сфери.
Сите заедно да создадеме заедница на рамноправни. Да ги отфрлиме стереотипите на минатото и да оставаме пример за генерациите по нас.
Двата меѓународни денови зад нас се само потсетник за потребата од истрајност по патот на трансформација по кој чекориме. Праведноста и хуманоста во заедницата е обврска за секој од нас.
Општество на солидарност, емпатија и социјална правда е нашата врвна цел. Да ги поддржуваме ранливите групи граѓани, да создаваме свет на силни индивидуи со еднакви права, да подаваме рака на секого кому е потребна и да не оставаме никој по патот што го чекориме.
Важно е да останеме луѓе, да ја негуваме човечноста, да не маргинализираме никого и да бидеме позитивен пример за следните генерации.
(Авторот е потпретседател на СДСМ)