Околу седумдесетина „бомби“ одекнаа на денешното рочиште за случајот „Траекторија“, односно за изградбата на автопатите Кичево -Охрид и Миладиновци -Штип со кинески кредити, во кој обвинети се екс премиерот Никола Груевски, поранешниот вице премиер Владимир Пешевски, екс министерот Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП за држави патишта Љупчо Георгиевски.
Од прислушуваните разговори се слушна како дел од обвинетите разговараат за преговорите со кинеските бизнисмени и банки за изградба на автопатите. Токму за патот Кичево -Охрид можеше да се слушне како екс-министерот Јанакиевски во повеќе наврати е информиран дека според проценката на јавното претпријатие за државни патишта тој автопат треба да чини околу 267 милиони евра. Но, наместо оваа сума, подоцна е склучен договор вреден речиси 374 милиони евра, и тоа со компанијата Синохидро Корпорејшн Лимитед, иако имало и компанија која дала пониска понуда, но била игнорирана од тогашните македонски власти.
Главен актер во разговорите кои денеска беа објавени е Јанакиески, кој во денот имал и по десетици разговори, само за да се скоцка договорот со Кинезите. Кога со соговорниците заклучуваат дека се усогласени со Кинезите, договорот го праќаат во Министерството за финансии, каде што жестоко реагира тогашниот министер Зоран Ставрески, бидејќи договорот му бил испратен без да се наведе компанијата и без да се наведат сумите.
-Миле, договорот не сте го доставиле, да му е..м мајката!, нервозно му вели Ставрески на Јанакиески.
На ова Јанакиески збунето му вели дека „тоа е тој договор“.
Тогаш Ставрески продолжува со забелешките: „Зошто тогаш не сте го ставиле износот во договорот и не сте ја навеле компанијата, што е проблемот? Исто така ги нема ниту општите услови. Ај види што сте пратиле“, му порачува Ставрески.
По овој разговор, Јанакиески врти на две-три места и бара од соговорниците да му испратат нови договори со пополнети информации за компаниите, патните правци, а за сумите како што вели, ќе се јави кај Владимир Пешевски за да праша кои се.
-Се испокаравме со Ставрески, ми бара да ги наведеме точните суми, вели Јанакиески на соговорниците. Истиот ден Јанакиески ги добива бараните податоци па и вели на соговорничката:„ 373.898.000 евра за Кичево- Охрид и 206.087.607 евра за Штип-Миладиновци. Ќе му ги дадам сумите на Ставрески па нека крши глава, вели Јанакиески.
Еден од разговорите на Јанакиески е со екс премиерот Груевски, каде што зборуваат за подизведувачите, кои од македонските компании треба да ги ангажираат Кинезите.
Јанакиески му објаснува дека со Кинезите се договориле 51:49 од подизведувачите ќе биле од Кина, но затоа 51:49 ќе бил процентот на работници од Македонија. Тука Груевски се уфрла и веќе одлучува кои фирми ќе бидат ангажирани за изведувачи.
-Гранит, но Бетон повеќе од Гранит, нешто ќе му дадеме и на Ѕинго…, вели Груевски.
Тој му порачува на Јанакиески и да се забрза работата, односно Законот за кинеските кредити да се изгласа до петокот, бидејќи од понеделникот почнува изборната кампања за изборите во 2013 година.
Еден од разговорите пак открива дека работите се движеле од наопаку, односно иако веќе се токмел договорот со кинеската компанија, во Македонија немало изработено проект за Кичево -Охрид.
-Ни треба целосен проект за инфраструктура за Кичево-Охрид, па после ќе видиме како ќе го покриеме, ќе се мобилизираме сите, вели јанакиески, а неговиот соговорник од Градежниот факултет е целиот во прашалници.
И на наредното рочиште ќе продолжи слушањето на бомбите, а потоа на ред ќе дојадат и смс пораките.
Според обвинението но и она што обвинителката Лиле Стефанова го кажа во воведниот збор Груевски го искористил своето реално влијание и службената положба како премиер и побарал од обвинетиот Пешевски, како вицепремиер, и Јанакиески, како министер за транспорт и врски, да извршат избор на компанија за изградба на автопатите без да спроведат постапка за јавни набавки.
Таа детално опиша како бил заобиколен законот за јавни набавки и само со директен договор со кинеската компанија „Синохидро“, склучен во октомври 2013 година започнала градбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.
Стефанова рече и дека покрај понудата на „Синохидро“, владата на тогашниот премиер Груевски добила преку Пешевски и Јанакиески понуда и од компанијата „СВЕ“. Дополнително, „СВЕ“ самоиницијативно ѝ дала понуда на владата за изградба на автопатите со пониска сума од 4.800.000 евра.
По доставените две понуди, Пешевски и Јанакиески првин ги повикале двете компании, а потоа ја прекинале комуникацијата со „СВЕ“.
„Ќе докажеме дека на 22.2.2013 година Пешевски и Јанакиески во нетранспарентна и неконкурентна постапка и за двете автопатски делници ја избрале понудата на „Синохидро“. Ќе докажеме дека обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки, рече Стефанова.
В.В.