Проглас на ДПМНЕ: Со сите средства ќе ја браниме државата

by fokus

Прогласот кој вчеравечер пристигна до сите општински комитети од страна на централата на ВМРО-ДПМНЕ, беше прочитан на вечерашниот протест пред штабот на партијата во Охрид.  Во него се повикуваат сите членови на партијата да излезат на протести доколку Зоран Заев успее да формира влада.

-Да го кренеме гласот, да кажеме ова вака веќе  не може. Ние како граѓани нема да дозволиме на нашата  држава  разнебитување, федерализација и други тајни работи кои ги прави СДСМ и албанските партии. Ние го креваме гласот и кажуваме дека постоиме и не се повлекуваме назад. Ќе застанеме на браникот на нашата татковина и со сите средства ќе ја браниме. Ние, во рамките  на организационите моменти ќе излеземе на масовни протести, ќе го кренеме гласот и ќе одиме и до Скопје, низ улиците на градот, каде што ќе е потребно нашиот глас да се чуе и да ја одбраниме татковината- стои во прогласот.

По повиците за мобилизација, уште вчеравечер членовите на партијата излегоа пред штабовите низ повеќе градови во Македонија, ги блокираа патиштата и протестираа. Целта на овие, како што ги нарекуваат „народни собири” било да се покаже силата на партијата.

На вчерашниот состанок на Извршниот комитет на партијата било заклучено дека ДПМНЕ ќе се спротистави на донесување на Закон за јазици и ќе преземе соодветни мерки за да се заштити „волјата на мнозинството“.

Поврзани новости