Фудбалерот на Пари Сен Жермен, бразилскиот репрезентативец Нејмар би можел кариерата да ја продолжи во Њукасл, пренесуваат британските медиуми.
Нејмар има договор со францускиот клуб до јуни 2025 година, но веќе во летниот преоден рок би можел да го напушти ПСЖ, бидејќи навивачите се незадоволни од неговите настапи.
Навивачите на францускиот клуб неодамна протестираа пред седиштето на клубот, како и пред домот на Нејмар поради лошите резултати.
Британските медиуми пренесуваат дека бразилскиот фудбалер би можел да ја продолжи кариерата во Премиерлигата, односно Њукасл, кој е во сопственост на принцот од Саудиска Арабија, Мохамед Бин Салман.
Сопственик е и на Ал Наср, за кој настапува португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо.
Британските медиуми потсетуваат дека Њукасл моментално е еден од најбогатите клубови во светот, а раководството на англискиот тим верува дека Нејмар би решил да се вклопи во овој тим.
Покрај финансиите, голем плус за „страчките“ е и фактот што се многу блиску до пласман во Лигата на шампионите следната сезона, што секако ќе биде магнет за бројни фудбалери во преодниот рок.
„Трансфермаркт“ проценува дека Бразилецот вреди 70 милиони евра. Тој во клубот од Париз има годишна плата од 44,1 милиони евра.
Нејмар во 2017 година пристигна во ПСЖ од Барселона за 222 милиони евра. За францускиот клуб одигра 173 натпревари и постигна 118 гола со 77 асистенции.