Дваесет минути пред полноќ вчера во домот на семејството Зеќири во Радишани експлодирала бомба, велат жителите на оваа скопска населба додека од СВР Скопје за „Фокус“ ја потврдија информацијата. Според жителите на Радишани експлозијата била многу силна и разбудила многумина, а по полноќ дошле и полициските екипи. Пред оваа куќа меѓу двата изборни круга се случи инцидент за кој семејството Зеќири тврдеше дека е етнички мотивиран.
Од СВР велат дека вчера во 23:40 часот во домот на Р.З (1966) на улица „Радишанска“ фрлени биле две експлозивни направи од кои едната врз кровот а другата во дворот. Бомбата на кровот експлодирала и направила само материјална штета додека онаа во дворот не експлодирала. Жртви нема.
Скопската полиција информира дека антитерористичката единица на МВР веднаш дошла на местото на настанот и ја деактивирала втората експлозивна направа. Во моментов полицијата го расчистува случајот.