Диктатура со пречки во развојот!

by Фокус 10:20
10:20

Пишува
Синоличка ТРПКОВА

Холандска гимназија. Сите училници се застаклени, а внатре седат најмногу 15 ученици. Во одделот за компјутери – одамна сè е дигитализирано и веќе нема хартија за рециклирање. Во одделот за биологија – аквариум со мали желки, потаму лаборатории за хемија и физика, специјално дизајнирани за тоа. На вториот кат, училници за креативна настава. До нив оддел за надворешни проекти – проекти што ги работи училиштето за општеството.

Во една училница гледам деца седнати на земја, нема столчиња, имаат часови по драма. Имаат и гардероба, каде што висат најразлични костими. Застаклени скалила водат во сала со сцена, опремена со рефлектори и озвучување. Чисти и долги ходници, отворени за сите посетители. Сигурна сум дека од ова училиште излегуваат деца со изграден концепт за нивната иднина во оваа земја.

- Advertising -

ПРЕКУ НОЌ МОРА ДА СЕ ПОРАСНЕ, БЕЗ МАМА И ТАТО, И БЕЗ ДЕДО И БАБА

Но, се стега обрачот околу образованието и во Холандија. Условите за живот директно ги условуваат концептите за опстанок во училиштата. Не е лесно да се стигне на универзитет, а уште потешко е да се издржат студиите. Државата до вчера ги финансираше сите свои студенти. Од оваа година, кој сака да студира, ќе мора и паралелно да работи. Само најупорните и нaјвредните ќе продолжат со студии.

Дури и приемните испити за престижните студии по право и медицина секоја година стануваат сè потешки, често несовладливи, дури и за оние најдобрите. Се бара знаење, работа, брзина, ефикасност и детерминираност. Од втората година, студентите, освен што мораат да работат, треба и да стажираат – без пари, зашто знаат дека без тоа шансите да најдат работа се минимални. Практично, тие немаат време да дишат. Овде децата преку ноќ мораат да пораснат, без мама и тато, и без дедо и баба.

Каков суров живот е тоа да бидеш фрлен во едно организирано општество, на милост и немилост на сопствената моќ и способност?! Несфатлив феномен за нас, навикнати да учиме од застарени книги и методологии или, уште пострашно, од застарени, преправени во нови, неупотребливи.

Стажирање и кај нас има, но не заради наоѓање работа, ами заради можноста да бидеш исцеден без надоместок, дур си млад и надежен. Потоа не зависи веќе од трудот, стажирањето и знаењето, туку сета тежина доаѓа од партиската книшка и од додворувањето на тие што ќе ти најдат работа.

Во меѓувреме, родителите, дедо и баба ќе туркаат, ќе помагаат, отпрвин со кеш, потем со нивни партиски врски, ако самиот за тоа не те бидува. Така создаваме средина на мекотели со подведнати ’рбети, со празни и послушни глави, за да се опстои и напредува во нашето општество. Ако, сепак, издржиш исправен, нема да можеш да ја избегнеш суровата реалност да слугуваш за опстанок. И тука се кршат младите, чија (емотивна) интелигенција го надминува овој перверзен концепт за опстанок. Така се доаѓа до моментот со пакувањето на куферите.

МААЛСКО-МАФИЈАШКИ И ПАРТИСКО-ПЛЕМЕНСКИ ПРАВИЛА И ШЕМИ

Во Холандија и оние со помалку образование наоѓаат работа од која пристојно живеат, но бидејќи во моментов невработеноста расте, предност имаат секогаш оние со факултет. Кај нас, од сите што имаат факултет, само оние со партиска книшка и со поддршка за партијата на власт, имаат шанса да се вработат. Ако не, додека стрпливо чекаат во редот, ќе бидат партиски курири и потрчковци, ќе лепат плакати, ќе агитираат.

Ако бевме во ЕУ, ќе имаше барем шанса оваа домашна хиерархија да се урне, да се создаде нов пазар и нови критериуми на вредност. Оние од врвот – ќе се најдеа на дното. Ете, зошто не е добро во ЕУ! Зашто тие што се „некој и нешто“ во нашава држава, не исполнуваат ни минимум од европските или од светските критериуми за човечка и професионална вредност, а успеваат со снаоѓање според маалско-мафијашки и партиско-племенски правила и шеми.

Така се упропастуваат цели генерации и се учат на неред – како наш ред. Не се младите виновни, туку овој искривоколчен еднопартиски систем кој форсира послушност, конформизам, опортунизам и медиокритетство. Погрешен ред на чекори во развојот – затоа сè е искривено.

Наскоро и мои студенти, освен што седнаа на директорски фотелји, ќе седнат и во Парламентот и ќе решаваат за мојата и за вашата иднина. Тој концепт за нивни опстанок не го научија ниту во училишните, ниту во студентските клупи, туку во кулоарите на институциите и министерствата, по партиските кружоци и ограноци, и тоа многу побрзо и поефикасно од сите лекции на училиште.

Целиот образовен систем кај нас постои за џабе и може слободно да се укине. Зашто кај нас „преродбата“ ја креира една фамилија, чии дупки во образованието се одлично пополнети со кеш и д(ж)иво месо. Не, ние немаме вистинска диктатура и јас се сложувам со ова мислење на мнозинството. Нашата диктатура не е ни кадифена, ни мека. Нашата диктатура, просто речено – е диктатура со пречки во развојот.

Поврзани новости