Како може некој што полагал Хипократова заклетва, а да речеме и да не полагал, да е обичен магационер, аптекар, болничар да учествува во вакви бизнис-шеми, кои удираат по здравјето на пациентите? Дали вечер мирно спијат, ако украдат цитостатици, знаејќи дека на овој начин на некој од болните им го скратуваат животот? Со месеци доцнат и дел од скапите лекови, па така пациентите со недели не ја примаат и редовната терапија. Сѐ на сѐ, тотален колапс.
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Од ден во ден, сѐ позастрашувачки стануваат црните статистики за тоа колку пациенти починале од некаков вид карцином, а уште поалармантно е тоа што сѐ повеќе млади луѓе завршуваат на долгата црна листа.
Факт е дека речиси секој од нив последната сламка спас ја наоѓа на скопската Клиника за онкологија, откако претходно ќе му биде дијагностицирана подмолната болест.
Дали на еден пациент ќе му биде извршена интервенција или само ќе биде потврдена страшната дијагноза, единствениот пат што води кон понатамошно лекување е онколошката клиника.
Е, тука почнува трнливиот пат по здравствените лавиринти, метежи, чекање по ходници, морничави слики, примање хемотерапија, зрачење. И нормално, болните немаат избор. Тој пат мора да го изодат, само да се спасат од подмолните пипала на тешката болест. Некои успеваат, но сѐ поретко.
Скопската Клиника за онкологија е болницата каде што завршуваат најтешко болните пациенти, кои се оставени во рацете на лекарите и медицинскиот персонал, кој треба да се грижи дали и каква терапија ќе примаат, колку терапии, дали ќе се зрачат, иако, кога се работи за овој вид болест, никој ништо не може да гарантира.
Никој не спори дека болеста сама по себе е страшна, но мора да бидеме реални и да признаеме дека скопска Онкологија е клиниката која години наназад ја тресат низа скандали.
Не помина ниту еден директор што не заврши или со кривична пријава, или, пак, со некоја афера поврзана со одбрана на партиските бои. Тогаш забораваат дека се доктори во бели мантили.
Но, клиниката, својот врв на скандали го достигна од 2019 година наваму, и тоа со воведување на скапата биолошка терапија, каде што само една ампула може да чини и до 4.000 евра.
Во моментот, болницата се наоѓа во тотален хаос, не се знае кој пие, а кој плаќа, поточно не се знае кои пациенти ја примиле биолошката терапија, кој одлучил дали секој пациент има потреба од неа и дали тие со врски се приоритетни на листата.
Тоа го покажа и последниот ревизорски извештај, од каде што излегоа со страшни податоци, за што досега надлежните институции требаше експресно да реагираат и некој да сноси и морална и кривична одговорност.
Во последниот број на „Фокус“ ја разоткривме целата криминална шема на препродавање лекови, вметнување лажни дијагнози на онколошки пациенти, како и начинот на кој оди целиот овој процес и како скапите лекови завршуваат на црниот пазар во Косово.
Многу жално е тоа што сево ова стана многу нормално. Дотолку работите се отидени во државата, што болните пациенти и нивните потреби се последни на приоритетната листа, но затоа, пак, промената на името, уставните измени и партиските препукувања уриваат рекорди.
И сега некој на ова ќе рече дека тоа се приоритети, кои во иднина ќе ни овозможат влегување во ЕУ, а со тоа ќе ни донесат и подобро здравство.
Мало морген, кој верува во овие приказни. Здравството е еден од најсензитивните, но и најуништени сектори. Доволен пример за тоа е целата атмосфера на скопска Онкологија, каде што години наназад бизнисот цвета, а пациентите умираат.
Работите се дојдени до таа мера што на некои од пациентите им се дава и половична доза на терапија, а остатокот за поголеми пари завршува на црниот пазар. Тоа е тешко и болно да се каже, односно еден пациент болен од рак, кој таму ја гледа последната надеж за живот, некој и неа да му ја одзеде за пара повеќе. Жално, страшно и трагично…
Постојат разно-разни шеми, на кои е тешко да им се фати крајот.
Време е надлежните институции сериозно да ги засукаат ракавите и да откријат што се случува позади затворените врати на клиниката, од каде што секојдневно излегуваат пациенти во ковчези.
Факт е дека болеста е страшна, но тоа не значи дека некој треба да си поигрува со здравјето на најтешко болните, од кои повеќето умираат во тешки маки.
Како може некој што полагал Хипократова заклетва, а да речеме и да не полагал, да е обичен магационер, аптекар, болничар да учествува во вакви бизнис-шеми, кои удираат по здравјето на пациентите?
Дали вечер мирно спијат, ако украдат цитостатици, знаејќи дека на тој начин на некој од болните им го скратуваат животот? Со месеци доцнат и дел од скапите лекови, па така пациентите со недели не ја примаат и редовната терапија. Сѐ на сѐ, тотален колапс.
Дел од лекарите успеав и лично да ги запознаам и се згрозив како немаат никаква емпатија во себе, кон некој на кој тоа му се последните денови од животот.
Па, нели чисто човечки е и кога ќе видиш едно животинче дека се мачи, да му помогнеш, а не, пак, некој што умира во големи болки. Јасно е дека искуството и долгогодишната работа со овие пациенти ги прави лекарите отрпнати на секоја ситуација, но колку и да е тоа во прашање, не е оправдување да ги третираш пациентите како кукли.
Јавното обвинителство треба сериозно да влезе и да провери што се случува во таа морбидна болница, чија нога на никој не сака да стапне, но болните немаат избор. Нели, сепак, на крајот, надежта умира последна!