Боки 13: Живеам за докажување на вистината и на мојата невиност!

by fokus

Бојан Јовановски пред Апелационите судии вети дека нема де бега и дека живее да ја докаже својата невиност за случајот „Рекет“.

-Живеам за докажување на вистината за овој случај и за докажување на мојата невиност. Ќе учествувам во фер кривично- правна постапка, рече денес Јовановски, барајќи од второстепените судии да му го укинат притворот.

Боки 13 сѐ уште врши увид во доказите прибрани од обвинителството, поради што не дал исказ, а како што најави неговиот адвокат, Сашко Дуковски, иако имаат право, нема да предложуваат свои докази и сведоци.

Јовановски и неговиот адвокат побараа да му биде укинат притворот, бидејќи истрагата е завршена, а и поради влошената здравствена состојба на осомничениот, кој во затворот не може да добие соодветна медицинска нега.

Во случајот „Рекет“, Јовановски и Зоран Милевски Кичеец се осомничени дека од бизнисменот Орце Камчев зеле 1,5 милиони евра за го спасат од кривичен прогон за истрагата „Империја“, а наводно со амин на третоосомничената Катица Јанева.

В.В.

 

Поврзани новости