Боки 13 обезбеди дом и работа за мајката што ги остави децата во дом: Секое дете заслужува да расте покрај мајка!

by fokus

Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки Тринаесет ќе и обезбеди дом и работа на Драгица Јованова,мајката за која што вчера пишуваше ,,Фокус’’ а која што поради немаштија и болест била принудена да си ги остави децата во домот ,,11 Октомври’’ во Скопје. Веднаш штом ја прочитал приказната во која што мајката по потекло од Кратово моли за работа и сместување во Скопје, со цел да биде поблиску до децата, а откако финансиски ќе се среди, и да ги земе да живеат со неа, Боки реагираше.

Неговите асистенти веќе се сретнале со Јованова, и секој момент требало да ја донесат кај него, за да ги договорат сите детали.

,,Позади оваа иницијатива не стои ниту една институција, туку лично јас. Ме трогна нејзината судбина, и секако судбината на нејзините деца и решив веднаш да реагирам. Веќе има неколку опции за вработување на Драгица, во ресторан во Скопје, а ќе и обезбедам и сместување во околината на Скопје. Ќе ги подмирам сметките за сместување во наредната година, мора да и се помогне на жената првин да се адаптира на новата средина, на новата работа, да се вклопи во животот и да стане самостојна. Значи, стојам зад неа во наредната година дена, се надевам дека до тогаш се ќе се среди и таа ќе може потоа да продолжи самостојно да заработува и да се грижи за нејзните деца. Секое дете заслужува среќен живот, да расте покрај мајка и да не заспива гладно’’ – ни изјави во телефонски разговор Јовановски.

Драгица е мајка на две деца, шест годишната Моника и четиринаесет годишниот Христијан. Хрсистијан го оставила во домот пред повеќе години, бидејќи извесен период била и бездомничка, со основно образование, без работа и со здравствени проблеми. Моника ја оставила во домот пред една година, откако и се влошила здравствената состојба, и не била во можност да се грижи за неа, но и ветила дека веднаш штом биде способна да работи, ќе се врати по неа.

Жената веќе неколку месеци во еден дневен весник објавуваше оглас во кој бараше  сместување и работа како чистачка, садомијачка или да се грижи за стари лица.

Ова не е прв хуман гест на Боки Јовановски. Во изминатиот период тој помогна на повеќе семејства и бездомници, на кои што им обезбеди работа и топол дом.

На социјалните мрежи веќе подолг период се пишува ,,Боки за претседател’’ ,,Во Министерство за труд и социјала коментираат за вакви случаеви – Уживај, Боки ќе среди’’ ,,Боки е светлото на крајот на тунелот’’ и слично.

Тој доби стотици пораки во кои што народот му симнува капа на хуманоста и желби да има повеќе луѓе како него во светот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости