Боки 13 обвинува за фалсификат на судско решение, од Кривичен негираат

by fokus

Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, пред три месеци од Кривичниот суд побарал прекин на издржувањето на затворската казна поради влошување на неговата здравствена состојба. Тој барањето го поткрепил со медицинска документација, според која не постојат услови за негово лекување во затворот „Идризово“.  Барањето неодамна му било одбиено, а тој се сомнева дека одлуката и решението се фалсификувани.

По предметот постапувал судијата Огнен Ставрев, кој за жал почина на 4 февруари, но на решението иако пишува дека е донесено четири дена претходно, сепак е  потпишано од друг судија, поточно судијка.  Поточно, за Јовановски е симптоматично зошто доколку одлуката била донесена на 31 јануари истата не била потпишана од судијата Ставрев? Неговиот сомнеж е дека одлуката во незаконска постапка е донесена многу подоцна, а како аргумент го наведува и тоа дека тој се уште не го примил решението, иако станува збор за итна постапка.

Адвокатот на Јовановски, Владимир Туфегџиќ, вели дека тој извршил увид во списите на предметот и поднел жалба. На прашањето пак за сомнежите на Боки 13, дека одлуката не била донесена од судијата Огнен Ставрев на 31 јануари, Туфегџиќ вели:

-По однос на прашањето дали одлуката е донесена од страна на сега починатиот судија Огнен Ставрев, оправдани се искажаните сомнежи од страна на мојот клиент од причина што судијата Ставрев заклучно со ден 03.02.2023 година ги примаше и евидентираше сите поднесоцит на одбраната со кои доставивме соодветна медицинска документација.

По барање на судијата како бранител имав комуникација се до 03.02.2023 година, а во смисла на барање за појаснување и дополнување на одредени факти и докази и не бев известен дека е донесена одлука на ден 31.01.2023 година, вели адвокатот.

Тој додаде дека неговиот клиент Јовановски ќе поднесе барање за вонреден надзор за тоа како се движел предметот.

-Мојот клиент веќе најави дека согласно законот ќе поднесе барање за вонреден надзор и контрола за овој предмет заради утрврдување на факти кои се однесуваат на времето на донесувањето на одлуката и верификација на истата согласно Судскиот деловник што е негово право како странка во постапката, вели Туфегџиќ.

КРИВИЧЕН НЕГИРА ФАЛСИФИКАТ

Од Кривичниот суд пак ги отфрлаат обвинувањата за фалсификат, и даваат појаснување за постапувањето во овој случај.

-Одлуката е донесена од страна на покојниот судија Огнен Ставрев на 31.01.2023 година по целосен увид во списите на предметот, приложената документација и ценејќи ги сите факти и аргументи. Со оглед на итноста на постапката по донесеното решение, и единствено заради целосно почитување на Законските рокови и правата на обвинетиот, искористено е правнто мислење на Врховниот суд на РСМ :

со кое – Во предмети каде е објавена одлуката, а писмено не е изготвена и потпишана од судија, со Одлука,  Претседателот на судот ќе определи судија, кој писмено ќе ја изработи одлуката, во состав на судот – советот кој го пресудил предметот и ќе ја потпише со запирка.  Па така со оглед да судијата Ставрев бил отсутен, заради здравствени проблеми, одлуката е поптишана, СО ЗАПИРКА, од следниот судија во одделот за Извршување санкци, а тоа е судијата Бранка Наумоска.

Заради сето тоа, целосно ги отфрламе наводите дека станува бор за своевиден фалсификат, како што наведувате во прашањето, туку за постапка согласно правното мислење на Врховниот суд на РСМ и досегашната судска пракса, а се со цел доследно почитување за Законските рокови и правата на обвинетиот, децидни се од Кривичниот суд.

Адвокатот Туфегџиќ реплицира на ваквиот одговор на судот.

-Мислењето на Врховниот суд се однесува на јавно објавени одлуки а во конкретниот случај тој услов не е исполнет.
Со оглед дека постапката за прекин не е јавна и транспарентна и не е предвидено одлуките јавно да се објавуваат, новиот надлежен судија на кој му е доверен предметот во работа, морал да ја отпочне постапката одново и самостојно да одлучи по спроведувањето на постапката, истакнува Туфегџиќ.

Тој појаснува дека постапките за прекин на издржување на казна не се транспарентни, странките не знаат кога судот одлучува, немат увид во доказите кои се прибавуваат од страна на судот и одбраната нема можност да се произнесе по предлог мислењето на Јавниот обвинител.

-Сето ова налага потреба од измени во Законот за извршување на санкциите која постапка е во тек во работната група, на начин што судот во постапките за прекин на казна задолжително ќе закаже јавна седница и по потреба ќе отвори јавна расправа и јавно ќе ја објави одлуката.
Досегашниот начин на постапување во овие постапки отвора можности за реално сомневање за начинот и времето на донесувањето на одлуките.
Со јавна и транспарентна постапка во која судот јавно ќе ја објави одлуката странките и јавноста ќе имаат увид во критериумите и законските основи за одлучување а во смисла на тоа дали во овие постапки при одлучувањето кај судот постојат воедначени критериуми кои важат за сите осуденици, дециден е Туфегџиќ.

ЗОШТО БОКИ 13 БАРА ПРЕКИН НА КАЗНАТА?

Прекинот на издржувањето на казната пак Јовановски го барал поради неговата влошена здравствена состојба, за која поднел медицинска документација.

-Во текот на постапката која започна на 14.11.2022 година и која траеше 3 месеци, по барање на судот и одбраната се доставени, бројни медицински конзилијарни стручни мислења како и мислења на стручни колегиуми на две клиники кои меѓусебно не противречат, напротив се надополнуваат и подржуваат, а во смисла на фактот дека здравствената состојба на осудениот е таква што лекувањето на осудениот нема услови да продолжи во пенални услови, појаснува адвокатот Туфегџиќ.

Тој додава дека судот одлуката ја донел поради тврдењето на затворот дека во нивната установа постојат соодветни услови за престој на Јовановски.

-Судот помеѓу другото, одлуката ја темели врз основа на известувањето од КПУ Идризово кое се обврзува да обезбеди соодветни услови за хигиена и при тоа судот го занемарува фактот дека задолжително препорачаниот хигиено диетски режим на исхрана значи спроведување на задолжителен медицинско здравствен протокол заради рехабилитација на пациентот, а не услови за лична хигиена како што е наведено.
Доволен доказ дека затворската установа нема услови за спроведувањето на задолжителните здравствени протоколи според природата на болеста, е фактот што лицето во изминатите 7 месеци е веќе 6 месеци на болничко лекување, токму поради влошената здравствена состојба во пенални услови.
Ова е нешто што е констатирано и потврдено во сите медицински конзилијарни извештаи, вели адвокатот.

Во мислењето од Клиниката„ Св. Наум Охридски“ се наведува дека Јовановски има претканцерогена состојба на желудникот и затоа препорачуваат строга примена на терапијата како и строго и задолжително применување на  хигиенско- диетски режим исклучиво во домашни услови.

-Особено важно за внимание претставува фактот дека пациентот при болничко лекување има подобрување на општата здравствена состојба, а по испуштање на болничкото лекување и враќањето во пенални затворски услови кај пациентот има крајно влошување на општата и на локалната здравствена состојба , се наведува во конзилијарното мислење потпишано од 11 доктори.

Адвокатот на Јовановски додава и дека ги изненадило и негативното мислење од обвинителството, иако неколку месеци претходно и тие сметале дека Боки 13 треба да добие прекин.

-Останува впечатокот дека судот во овој случај ја напушти својата улога на арбитар и се впушти во непрекинато барање на нови медицински мислења и согласности а најголемо изненадување е негативното мислење на ЈО во ситуација на далеку повлошена здравствена состојба во споредба со здравствената состојба пред 4 месеци за која истиот јавен обвинител даде позитивно мислење, вели Туфегџиќ.

Инаку Јовановски, заедно со екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, беа осудени  за случајот „Рекет“. Јовановски е осуден на 9 години затвор, а Катица Јанева на 7 години затвор. Боки 13 е осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да заедно со Јанева го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО. Во случајот обвинет беше и Зоран Милевски Кичеец, кој по признание на вина беше осуден на три години затвор.

Валентина Вурмо

 

 

 

 

Поврзани новости