Боки 13: Не сум цвеќе за мирисање, но ништо не можело да се случи без знаење на Заев

by fokus

Бојан Јовановски, при крајот на својот завршен збор, кој денеска го дава во Кривичниот суд, за “Меѓународен сојуз”, се обиде да докаже дека тој трошел свои пари кои чесно ги заработувал.

Кажа дека работел и заработувал уште од дете и повеќе од 20 години примал сериозни хонорари. Тоа што бил со блокирана сметка, како што рече, не значи дека не заработувал.

-Сум се издвојувал и од дете. Тоа е мојот живот. Јас и од затвор доаѓам скоцкан и тоа некој го зема за зло. Јас работам од мојата 14 година. Сум работел и тука и во Србија, истакна обвинетиот, додавајќи дека неговото семејство имало и многу имот, рече Боки 13.

Тој негираше дека ги измамил бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски.

-Не сум паднал од Марс па од Камчев да сум земал пари, што беше во “Рекет”, како и сега од овие бизнисмени, додаде Јовановски.

Тој побара судот да донесе правична одлука, да го ослободи од одговорност, потенцирајќи да не му судат за неговиот лик и дело, за кои рече дека не се толку црни.

-Му предлагам на овој суд да ја базира својата одлука само на докази и да се отргне од влијание на шпекулациите. Народот ќе рече, “Со свој камен по своја глава”, а обвинителството си удри со свои докази по своја глава, заклучи обвинетиот.

Како што додаде, никого не сакал да измами и ниту измамил.

-Не сум цвеќе за мирисање, но за ова кривично дело не сум виновен. Јас сум измамен од Стефан Богоевски и од Зоран Заев, а најмалку од оваа жена која седи овде, покажувајќи кон Фросина Ременски. Без занење на Зоран Заев ова не можело да се случи, ниту парите да бидат одблокирани, па сите знаеме како се се одвива во државата, истакна Јовановски.

Првообвинет во овој предмет е Бојан Јовановски-Боки 13, кој според обвинителниот акт е обвинет за кривичните дела „измама и перење пари“. Обвинети во овој случај се и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ Фросина Ременски, Миле Јовановски, (таткото на првообвинетиот) и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Обвинетата Ременски се товари за кривично дело „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“.

Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.

Пресудата ќе биде објавена на 7 април.

В.В.

Поврзани новости