Боки 13: Не можевте по магарето, па удривте по самарот, епа сега јас како самар ќе кажам за магарето!

by fokus

Горд сум што бев претседател на невладина организација која што во своето активно работење немаше добиено ниту еден денар државни пари. Вака денеска, во Кривичниот суд, го започна својот завршен збор Бојан Јовановски, обвинет во случајот “Меѓународен сојуз”.

-Беше донесен ставот дека “Меѓународен сојуз” ќе се финансира со вмрежување на невладината со бизнис секторот, па отука произлегуваат и голем број на проекти. Горд сум што позади себе можам да се пофалам со два потпишани договори кои денеска се инкриминирани, но не по вина на “Меѓународен сојуз”. Тие се општествено корисни, од капитално значење за оваа држава, истакна Јовановски.

-Тезата на обвинителството, агресивната кампања, за овој случај, но и за “Рекет”, беше со намера целосна дискредитација на моите дела. Она што е добро да биде претставено како лошо. Фактите се заменија со шпекулации, а шпекулациуте резултираа со обвинение, истакна Јовановски.

Тој истакна дека во обвинението е напишано дека ги држел во заблуда Силјан Мицевски и Адријан Амзоски, што според него не е вистина.

-Поддршката од Владата, од Зоран Заев, тогашен премиер, јас лично ја имав од првиот ден од формирањето на невладината. Потикот е голема форма, кога доаѓа од лице кое ја извршува најголемата функција во државата. Заев бил информиран за работата и за проектот за изградба на дом за стари лица, истакна Јовановски, кој додаде дека ќе ја опише улогата на сите лица од извршната и локалната власт, истакна обвинетиот.

Тој појасни и дека се зборувало за многу пари, но немало докази за нив.

-Во оваа судница беа споменувани 719.000 евра, потоа 233.000 евра, па 350.000 евра и сите тие цифри беа споменувани, а не видовме доказ за нив. Видовме само голи зборови.

-Најлесно беше да удрат по Бојан Јовановски. Народот ќе рече, не можеш по магарето, па удри по самарот. Па сега како самар ќе кажам повеќе за магарето, истакна Јовановски.

Тогаш Јовановски беше предупреден од судијката да се зборува конкретно за обвинувањето против него.

Тој продолжи со завршниот збор, па рече, дека идејата за изградба на старечки дом ја добил во разговор со бизнисменот Силјан Мицевски.

-Во Скопје, Охрид и Гевгелија или Дорјан. Тие беа трите точки каде требаше да се изградат старечките домови. Проектот беше по мотив, волја, желба на бизнисменот Мицевски. И тоа на негово земјиште, во Битола, за кое беа платени комуналии за зграда. Сакаше таму да гради, истакна Јовановски.

Тој појасни дека договорите биле изработени од двата правни тимови.

-Сведоците Јованка Кухар и Агапи Дипа фаќаа белешки во своите тефритери. Па само мали деца ќе прифатат дека не знаеле што пишувале. Дека јас, Бојан Јовановски, сум успеал сите да ги измама сите, и бизнисмени и политичари, истакна Јовановски.

Тој потсети на изјавата на бизнисменот Адријан Амзоски, кој рекол дека немало шанса да му даде пари на него, ако зад него не стоеле финкционери.

-Ми велеше дека кога порано ќе ме видел на телевизија го менувал каналот. Па како успеав да бидам толку шармантен па да го убедам? Точно е дека Амзоски дал 350.000 евра во готовина, рече Јовановски, но додаде и дека му ги вратил парите.

Тој појасни дека функционерите кои се споменувале се Зоран Заев, Александар Кирацовски и Стефан Богоев. Тогаш судијката му рече да се држи до изведените докази, и дека имал можност но не го повикал Заев за сведок.

Јовановски истакна дека бизнисмените биле уценети за да пријават дека се оштетени.

-Доколку бизнисмените биле измамени, зошто не пријавиле веднаш, туку тоа го пријавија откако бев лишен од слобода заради “Рекет”?  Додека тие даваа исказ кај Вилма, им влезе инспекција, па морале да дадат негативен исказ за овој случај, истакна Јовановски.

Обвинетиот додаде дека за овој проект тогашнио министер за транспорт и врски, Горан Сугаревски, потпишал наменски меморандум за соработка со “Меѓународен сојуз”, односно за проектот, за кој како што рече, претходно бил поддржан од владата на Зоран Заев.

-Добивме директно ветување од премиерот Заев дека ќе биде формирана специјална комисија која ќе помогне во реализирање на проектите кои се и за доброто на државата, рече Јовановски.

Дека Зоран Заев ги знаел сите околности произлегува од доказот кој го изведе обвинителството, односно комуникација со Заев, рече Јовановски.

-Заев се интересира за проектот, ме охрабрува, и вели дека е се законски, и дека нема да има проблем. Затоа и барав средба со него и тој вели дека ќе се видиме следната недела. Ако знаел дека не е законски, зарем немало да ме пријави?, истакна Јовановски.

Тој дополни дека неговите намери биле искрени и не сакал никого да измами.

-Доколку сум планирал некого да измамам, ќе сум ги земал парите и ќе сум одел да купувам луксузна гардероба. Нели така сум претставен, дека сум празен лик, кој знае само убаво да се облекува, истакна Боки 13.

Тој потсети и на истрагата водена од Управата за финансиска полиција и обвинителот Наум Пановски, кога и парите од бизнисменот Мицевски биле замрзнати.

-Обвинителот Пановски донесе одлука дека нема елементи за јавнообвинителска интервенција. По 18 месеци пак друг обвинител наоѓа дека има елементи, онаму каде што Пановски рекол дека нема. Малку чудно, нели?, праша обвинетиот.

Боки 13 напомена и дека од парите на бизнисмените за проектот, државата си наплатила за данок.

-Од овие пари државата доби 200.000 евра. Дали сега ќе ги врати ако бизнисмените се оштетени, праша тој.

Тој исклучи вина на обвинетата Фросина Ременски.

-Ременски и да сакала да ми помогне била оневозможена од нејзините алчни партиски партнери, истакна Боки 13.

Судењето е во тек и веста се дополнува постојано.

Валентина Вурмо

Поврзани новости