На судењето за “Рекет” беа објавени и неколку снимени комуникации водени “на маса” меѓу Бојан Јовановски и Орце Камчев.
Боки 13 му ги раскажува опциите за спас на бизнисменот од случајот “Империја”.
-Откако првиот соработник на правдата ќе го направи своето, ти да бидеш вториот соработник. Првиот чека твој амин од нашиот вечерашен состанок, му вели Боки 13.
Во продолжение му кажува дека за дел од кривичните дела ќе треба да признае вина.
-За дел од работите ќе бидеш ослободен од сомненија и обвинувања, а за една или две работи ќе признаеш вина. Многу ќе биде поедноставно за дел од работите кои ние ќе се договориме да признаеш вина, и ќе треба да платиш малку отштета на државата, му дава насоки Боки 13.
Тогаш му објаснува на Камчев дека се свесни дека овие дела не застаруваат и дека може да ги превземе друго обвинителство, па на овој начин, со погоре наведениот план, тука се ќе се заврши.
И според обвинителството, наводно екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева наводно разработила неколку сценарија со кои сакала бизнисменот Орце Камчев да го спаси од затвор како осомничен во случајот „Империја“. Ова се заклучувше и од изјавата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој образложуваше зошто Јанева од сведок стана осомничена во случајот „Рекет“.
За спас од високите затворски казни од над 10 години кои му се закануваа пак имало две сценарија.
Првата идеја била осомничениот бизнисмен да се направи заштитен сведок и со наредба да се запре истражната постапка против него.
Ова сценарио веројатно произлегува од исказот на Јанева, кој го дала како сведок, со кој пред колешката Вилма Русковска се обидела да ги оправда своите постапки, бидејќи таа и во својата писмена изјава до јавноста напиша дека го врбувала Камчев за сведок. Меѓутоа тогаш споменуваше друга предистрага, а од изјавата на Јовески, се сфаќа дека првоосомничениот Камчев требало да стане заштитен сведок во „Империја“?!
-Обвинителката требало да ја олесни неговата положба во таа истражна постапка со тоа што тој ќе добие својство на заштитен сведок и ќе ја запре постапката, појасни неодамна Јовески.
Според правниците, ваквата идеја е правно невозможна, или неразумна, бидејќи не може првоосомничениот да го токмиш за заштитен сведок, бидејќи во овој случај и Камчев и Сашо Милајков се врвот на империјата. Тоа евентуално можело да се договори со некој од последноосомничените.
Освен ова сценарио, имало и план Б.
Односно, другата, пореална варијанта, била да се склучи спогодба со која бизнисменот ќе ја признае вината, но не за делата за кои се гони, туку за многу полесни, со што ќе се спаси од затворска казна, а ќе треба да плати само материјална отштета.
В.В.