Правда во Македонија нема и нема да има се додека судот и обвинителството работат по политичка нарачка на аболицираниот Заев. Денеска целата јавност го виде тоа за кое што се говореше и пишуваше со недели и месеци, вели портпаролот на опозицијата Димче Арсовски.
„Италијанскиот весник „Ла Верита“ објави снимка од која јасно се гледа како Боки 13 или по ново Боки Тредичи зема милион ипол евра и во име на Катица Јанева ги договара чекорите кои ќе ги превземе СЈО во случајот „Империја“.
После денешната снимка станува јасно зошто истрагата тапка во место, а Русковска заедно со Катица Јанева се на одмор.
Невозможно е целата јавност да зборува и да знае за рекетот, само Вилма Русковска да не знае што се случувало!
Невозможно е целата јавност и медиумите да говорат за улогата на Катица Јанева, Кики, Фрики, Шеки и останатите, а Вилма Русковска да не слушнала ништо.
Невозможно е да исчезнуваат суштински докази во предметот, да се губат и форматираат телефони и компјутери, а Русковска да ја врти главата без некој да и каже да го прави тоа.
Дури и обвинител почетник би ги поврзал конците, би пресметал колку се два и два и би се потрудил да ги обезбеди доказите и за останатите инволвирани.
Денеска гледаме дека Русковска цел месец само ја замајува јавноста и се труди да ја минимизира политичката штета по Заев, обидувајќи се да ги прикрие трагите, наместо да ги докажува сомненијата за останатите инволвирани.
Цел месец Русковска се труди да не убеди дека Боки Тредичи сам влегувал во домовите на бизнисмените и без ничија поддршка изнудувал милиони евра.
Одговорност за овој меѓународен скандал мора да има. Одговорност мора да има за извршителите и за нарачателите, но одговорност мора да има и за оние кои го покриваат криминалот целиот овој изминат период. Исто така одговорност мора да има и од Русковска затоа зошто одлучи да не покрене истрага и против Катица Јанева, и против Кики и Фрики. Со што тие ја имаат задолжено неа или Зоран Заев? Имаат ли дополнителни информации за криминалите на власта?
На снимката јасно се слуша разговорот на Боки 13 во кој вели: „Нема да употреби Катица сега никакви вонредни правни лекови да го продужува и да го одолговлекува моментот, во понеделник или вторник сте на слобода“.
Снимката која ја емитуваа италијанските медиуми е крунски доказ дека Јанева е институционалниот извршител на милионскиот рекет. Но и дека Боки 13 и Кичеец се само пипките на криминалниот октопод на власта. Овде се работи за злосторничко здружување од судии, обвинители и политичари, кои со години харале низ државата и уценувале. За ова одговорност мора да има веднаш.
Пет месеци по настанот, гледаме дека се што Боки 13 ветил и се остварило. Имено исто како што ветува во снимката, барањето за укинување на мерката притвор е одбиено од Апелација. Дополнително одлуката на Врховен суд за укинување на притворот е донесена во понеделник, на 4-ти март. Значи буквално исто онака како што ветува.
Наместо на плажа, Јанева сега требаше да се наоѓа во притвор. Вилма Русковска треба да одговори зошто дозволи Катица Јанева да се шета на слобода, со целосно одврзани раце да влијае на сведоци и уништува докази, да го повтори делото, па дури и да се впушти во бегство.
Русковска треба да одговори дали свесно ја оставила Јанева на слобода за истата да уништува докази, за што постои отворен сомнеж во јавноста дека истото и го направила. Имено Јанева првин тврдеше дека го загубила телефонот, за подоцна истиот да и биде пронајден кај девојката на нејзиниот син, за на крај да се испостави дека истиот е форматиран.
Од снимката се гледа и слуша дека Боки и Кичеец се само обични извршители, а вистинските организатори се други. Ваков милионски рекет кој траел со години, а бил вршен со помош на уцени и ветувања за слобода или затвор директно од Катица Јанева, не може, а да не бил со амин на Зоран Заев, кој ја има апсолутната власт во Република Македонија.
Зоран Заев, СЈО и ЈО на Русковска по денешната снимка се целосно компромитирани и не компетентни да бидат носители на функција. Потребна е итна оставка на владата и организирање на предвремени парламентарни избори“, додаде Арсовски.