Добила прекршочна пријава затоа што бришела графити со говор на омраза кон Албанците

by fokus

Скопјанка Гордана Пирковска Змијанац добила прекршочна пријава поради тоа што бришела графити кои содржеле говор на омраза, а на истите, како што вели, испишала зборови за мир и љубов.

На зградата каде живеела биле испишани графити со говор на омраза „Смрт за Шиптари“, па таа со спреј го исчкртала терминот „Шиптари“ и напишала „Смрт за омразата. Љубов за сите“.

„Не можам да ја опишам мојата вчудоневиденост кога утрово бев известена дека против мене е поведена прекршочна постапка поради ,,…оневозможување за користење или оштетување на јавни згради, јавни чешми, извори, плажи, паркови или други јавни објекти и инсталации.“ Понатака се вели дека „на наведената дата, време и место, со спреј, на ѕидот од зградата сум испишувала графити со содржина ,,смрт за омразата, љубов за сите“, што не е во потполност точно туку на претходно напишаната порака со говор на омраза: „Смрт на Шиптарите“, го избришав зборот „Шиптарите“ а допишав: „Омразата“ и „Љубов за сите“. Зошто во известувањето не е наведено дека јас сум избришала говор на омраза и на местото со навредувачка содржина сум допишала мирољубива порака?

Никаде во образложението од МВР/СВР/Одделение за прекршоци не е напишано дека на тој ден, 01.08.2018 отидов во Полициската станица во Ѓорче Петров да побарам институционална поддршка да се најдат и казнат лицата кои шират говор на омраза преку графит на улица „Борис Сарафов“ зграда број 42/3. Пријавив дека веќе подолго време на тоа место стоеше напишано: „Смрт за Шиптарите“. На своја иницијатива, го бришев неколкупати со спреј и местото каде пишуваше „Шиптарите“ го прекривав со црн спреј, а допишував мирољубива порака, но секогаш кога ќе го направев тоа, набрзо осамнуваше нов графит со истата содржина/порака. Тој ден, повторно, по четвртипат го избришав „Шиптарите“ и по „Смрт за“ додадов: „Омразата“ и „Љубов за сите“ така што текстот беше преиначен во: „СМРТ ЗА ОМРАЗАТА. ЉУБОВ ЗА СИТЕ“. Бидејќи се повторуваше истото, односно секогаш кога ќе го покриев говорот на омраза, повторно осамнуваше насилната порака, тој ден, 01.08.2018 решив да побарам институционална поддршка, но наместо тоа, добив лекции од страна на службените лица кои ме примија и од инспекторите кои си дозволија да ме третираат како жена криминалец, а за нивната дрскост во поглед на моите ставови дека јас како Македонка треба да реагирам прво во својот двор, Албанците во својот, да не зборувам што се не се изнаслушав. Се чувствував нападната, како да сум направила зло, тежок прекршок…Ми дадоа веднаш да ја потпишам прекршочната, но јас одбив и не верував дека е можно да поведат прекршочна постапка наместо да помогнат во она што го барав, да направат почести патроли на тоа место и да ги пронајдат тие кои шират говор на омраза.

ПРЕКРШОЧНА ПРИЈАВА ЗА БРИШЕЊЕ ГРАФИТИ/ПОРАКИ СО ГОВОР НА ОМРАЗА!Ете и тоа го доживеав да се поведе прекршочна постапка…

Publiée par Gordana Pirkovska Zmijanac sur Mercredi 7 août 2019

Говорот на омраза е кривично дело. Во овој случај очигледна е намерата за ширење на омраза кон определена етничка група, односно кон албанската заедница. Но самиот графит, кој за жал не е единствен, ги има многу на национално ниво, со говор на омраза не само кон Албанците туку и кон Македонците, доведува до уште поголемо нарушување на и онака кревките меѓуетнички односи во Македонија.

По се ова што ми се случува јасно ми е зошто во Македонија нема пракса за санкционирање на говорот на омраза во правосудството. Се чини дека поголем дел од вработените не го препознаваат, не се сензибилизирани, полни се со омраза кон различните, по етничка или која било друга основа.

Верувам дека правдата ќе победи и МВР ќе ја повлече прекршочната постапка“, истакна Змијанац.

Поврзани новости