Боки 13 и Ременски седнуваат на обвинителна клупа, стартува судењето за “Меѓународен сојуз”

by fokus

Бојан Јовановски и пратеничката Фросина Ременски денеска ќе седнат на обвинителна клупа бидејќи во Кривичниот суд ќе стартува судењето за „Меѓународен сојуз“.

Овој предмет ќе го судат истите судии од случајот „Рекет“, Васка Николовска- Масевска и Софче Гаврилова -Ефремова. Разликата е во тоа што сега судијката Гаврилова -Ефремова е претседател на судечкиот совет, а судијката Николовска -Масевска е втор судија.

Првообвинет во случајот е Бојан Јовановски, а обвинети се и неговиот татко, Миле Јовановски, Јасна Мандиќ, Христина Блажевска, како и пратеничката Ременски.

Како што неодамна соопшти Јавното обвинителство, со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело.

Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови, за што вкупно искеширале над 1 милион евра.

Неодамна за неделникот „Фокус“, професорката Ременски истакна дека очекувала судот при оценката на обвинението да ја корегира грешката на обвинителството и да го отфрли обвинението против неа.

-Судот одлучил да го прифати обвинението без да навлегува во чинење на основаноста на сомневањата и приложените докази од страна на ОЈО. Искрено очекував, дека Судот ќе ја коригира грешката на ОЈО наместо да ја запре истрагата, да поднесе обвинение без докази и ќе го стави во негативен контекст мојот углед и авторитет. Случајот повеќе од една година беше предмет на агресивна медиумска пропаганда и еднострано информирање, би рекла и навивање што создаде перцепција и предрасуди кај јавноста кои влијаат и би можеле да влијаат на целокупниот процес, вели Ременски.

Таа додава дека самиот случај нема да го коментира во оваа фаза, но открива што се нејзините сомнежи за нејзино инволвирање.

Основано се сомневам (а тоа ќе го докажам) дека, моето инволвирање во ваква истрагата за овој предмет и подигањето обвинение е мое политичко неутрализирање и обид за дискредитација на мојата стручна експертиза која ги отвара клучните нерешени прашања со кои беше неминовно да се справиме кога како партија дојдовме на власт, но за жал сериозно потфрливме, ни изјави Ременски.

Валентина Вурмо

Поврзани новости