Бојкот и улица или билет во еден правец?

by Фокус

Пишува: Кирил Ефремовски

ВМРО-ДПМНЕ и Груевски го остварија она кое го зацртаа на 24 фервуари. Дали поради ветувања кои ги добија од меѓународните посредници во февруари (избори на 5-ти јуни без отстапки), или пак поради сегашното немање на доволен leverage на истите тие меѓународни посредници со кои ќе го принудат Никола Груевски да ја промени зацртаната цел, сега е помалку важно. Суштинското прашање е дали и како изборите на 5-ти, ќе допринесат за продолжување на започнатиот процес под странско покровителство за институционално решавање на политичката криза и нејзино надминување, во услови кога СДСМ категорично на таквите избори нема да учествува, со што и институционално, но и буквално кризата дополнително ќе се продлабочи. Официјалните ставови и пораки и на Вашингтон и Брисел нема да се променат кога се работи за поддршки за вон-инстутиционално делување, но истовремено тие нема да можат да останат неми и слепи доколку повторно бидеме сведоци на протести налик на оној од 17 мај 2015. И покрај тоа што Груевски работи да ја сведе целокупната состојба во земјата како пред „Пржино“ засега нема сериозна „точка на топење“ или нов тригер кој ќе предизвика граѓани на улици, работа на опозицијата е преку своите редови да изнајде доволно мотив и покаже сериозен капацитет, за потворно ги повика граѓаните на улиците и пред институциите. Оставањето на Груевски и Ахмети да го спроведат планот и оддржат избори како што зацртале, а притоа на таквиот план да се делува само со неучество, т.е. бојкотирање на изборите, без било какво друго фронтално спротивставување, само ќе придонесе македонската автократија која сега е во фазата ‘груевизам’, со галопирачко темпо да премине во ‘ердоганизам’.

Многумина сметаат дека дополнителни 3 до 4 месеци нема сериозно да го запрат општественото девастирање и го вратат процесот на некакви нормални оски, ниту ќе ја зголемат довербата во институциите, особено во период кога почнуваат летните одмори. Сепак, сега, во оваа фаза во која не доведоа, круцијано важно е да се покаже дека и натаму постои минимум капацитет за спротивставување, особено кога најголем дел од критичката јавност не се согласува ниту ја поддржува ваквата одлука на Парламентот, заедно со целата опозиција. Тоа што правните и уставни механизми недозволуваат промена на донесената одлука на Собранието, не значи дека под сериозен граѓански притисок, масовни и континуриани демонстрации Грујовата одлука нема да може да се промени, или да се издејствува таа да се промени дополнително. Категоричноста дека сега веќе непостои ништо што може да ги врати работите назад или предизвика нова точка на топење која ќе ги предизвика граѓаните да излезат масовно на улиците, може да се побие со оној момент кога Трајко Велјановски и формално ќе стави потпис на актот за одржување избори јуни. Наредниот ден плоштадите и улиците треба да се наполнат со граѓани кои гласно ќе се спротистават на таквата одлука. Самото распишување на избори заради избори какви што сакаат ВМРО и ДУИ, притоа без сериозни потврди од надлежните институции и ДИК дека се способни истите да ги спроведат, а тие пак да бидат кредибилни и фер, се доволна причина и повод повторно да започнат протести и демнострации и тие овој пат мора да потрајат цела пролет!

Од друга страна, второто сценарио кое одреден дел од критичката јавност сериозно го протежира е и покрај неисполнетите услови за одржување на кредибилни, демократски и фер избори, е по секоја цена СДСМ и опозцијата да ја променат одлуката и учествуваат на истите, а потоа врз основа на бројот на освоени гласови да се обидат да формираат коалиција со ДУИ, иако опозицијата на такви избори во услови на изборна „кланица“ во јуни е невозможно да биде партијата од македонскиот блок која ќе освои доминантен број гласови за да прави коалицирање со партијата која добила најголем број гласови од „албанскиот блок“. Таквата хипотетичка постизборна коалиција би била и во директна спротивност на „Мајскиот договор“ меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, кој и покрај сета криза и Договорот од Прижино за нив е на сила, па затоа ваквото сценарио треба да се отфли во старт бидејќи баба Ванѓа ефектот од таквата игра на крајот може да ги чини прескапо.

Опцијата да се бојкотираат сите институции и да се остави Груевски да „тера сам“ понатаму, впрочем како што беа оставани и тоа го чинеа со некои други светски властодршци и режимски лидери, за на крајот тој сам да падне, за ова поднебје е најопасно, а земјаки ги предвид останатите регинални состојби и безбедносни закани. Затоа во услови кога никој сериозно неможе да прогнозира како настаните ќе се одвиваат понтаму, нам сепак она малку што ни остана сигурно и понатаму е уличната демократија. Мораме да излеземе уште еднаш и покажеме дека се бориме за она што ни припаѓа.

Ги прашувам утрово пријателите и колегите, што сега и како понтаму? Тие едногласни – “иселеничка брат“! Иселеничка виза можеби еден ден и ќе добиеме, но пред тоа, мораме да ја пробаме уште еднаш улицата, бидејќи таа овој пат ни е последната шанса! Оној мал дел од мојата генерација што сеуште е овде, тоа си го должи пред се на себе, но и на онаа Македонија во која што сеуште е’, пред и засекогаш да си ги спакуваат куферите.

Поврзани новости