Бојана до Костадиновска-Стојчевска: Министерке, со која музика растевте вие?

by Fokus

По објавените резултати на Министерството за култура, по повод конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес од културата, според кои популарниот фестивал на забавни мелодии ,,Макфест” кој се одржува во Штип добива 408.000 денари, односно околу 6.600 евра, јавно се огласи поп пејачката Бојана Скендеровски. Таа и се обрати на министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, и ја запраша дали таа знае за значењето и големината на фестивалот со кој растеа многу генерации и кој беше еден од доста популарните и во времето на поранешна Југославија.

-Министерке… Јас не знам вие со која музика растевте, дали од дома ви кажаа дека ,,Макфест” е основоположник на македонската поп музика, дека ,,Макфест” бил почетна точка на многу популарни пејачи, кои подоцна биле регионални ѕвезди, кои денес полнат концертни сали и се нечии идоли…(Тоше беше еден од нив). Дали ве научил некој ако не сте забележале сама, дека ,,Макфест” произвел илјадници песни и хитови со кои се градеа генерации, и така се создаваше припадност на еден народ? Дали Ви купуваа касети како мала од ,,Макфест” и ве учеа дека ,,Макфест” беше престиж на Југословенско ниво? Дали сте свесни дека културата е сржта на идентитетот? Дали сте чуле за традиција? Дали мислите дека Министерството за култура почнува од ваше време, и завршува со вас, дали не мислите дека е премногу дрско да ги понижите сите автори, изведувачи, и цела една фела, која со години вложува во македонската поп култура, која е идентификација и посебност на македонскиот народ. Наместо да ги понижувате македонските брендови и производи, вие треба први да ги чувате и помагате! Мене ми е срам од вашиве постапки, за вас лично не знам-и порача Бојана на министерката.

Минатата година, за време на 37-то издание на фестивалот, исто така од министерството беа одобрени околу 6.000 евра за настанот. Тогаш штипскиот градоначалник Иван Јорданов изјави дека сумата од околу шест илјади евра за ,,Макфест” била срамна и општината се откажала од тие средства.

Потоа информираше дека Општина Штип обезбедила 4.5 милиони денари за фестивалот, и околу1.5 милиони денари од спонзори, односно биле обезбедени околу сто илјади евра за ,,Макфест” кој се одржа лани во октомври.

Вики Клинчарова

Поврзани новости