Бојан Маровиќ ќе пее на концертот за Тоше: Ех, кога човек повторно би можел да се роди

by Fokus

Поп пејачот Бојан Маровиќ ќе биде дел од музичките гости кои ќе настапат на коцертот посветен на Тоше Проески, кој ќе се одржи на 2-ри ноември, во ВИП Арена Борис Трајковски во Скопје.

Тој заедно со Борис Новковиќ, Сергеј Четковиќ, Владо Калембер, Јелена Томашевиќ, Ана Рупељ и многу други звучни имиња од регионот, ќе ги пее песните на Проески, на концертот организиран во негова чест, на кој ќе биде промовиран и новиот албум, со необјавени песни на Тоше.

Во разговор за ,,Фокус” Маровиќ открива дека му е голема чест што ќе биде дел од настанот, посветен на неговиот колега, но и добар и близок пријател. Додава дека спомените не можат да избледат, и како секогаш се сеќава на Тоше со тага поради лошата судбина и прекинатиот млад живот, но и дека често му се случува, додека размислува за нивни заеднички дружби, спонтано да се насмевне за некои работи кои Тоше ги кажал и ги направил.

Нивниот последен заеднички настап се случи во Скопје, единаесет дена пред смртта на Тоше. Тогаш Бојан беше специјален гостин на големиот концерт на Проески, на градскиот стадион и заедно го пееја големиот хит ,,Тајно моја”.

-Мојот живот секогаш беше една прекрасна палета од спомени. Со Тоше, боите од таа палета се посебни. Еден дел секогаш ми измамува насмевка, а другиот тага, бидејќи мојот другар го нема повеќе – раскажува Маровиќ.

Со Проески секогаш биле доста блиски, најмногу поради љубовта кон музиката, малата разлика во годините, но и фактот што во почетокот на 2000-те години и двајцата беа млади и успешни пејачи, популарни и барани во регионот.

-Годините кои со Тоше ги поминавме во дружба зборуваат за се. Тој и јас секогаш бевме сериозно врзани за музиката, и нашите раговори секогаш имаа иста црта. Секако, разговаравме и за девојки, ги сакавме сите нешта кои ги сакаат младите луѓе – се присетува пејачот.

И по сите изминати години, вели дека се уште му е тешко да се сеќава на моментот кога дознал дека Тоше загинал. Веста му била голем шок, посебно поради тоа што во тој период уште ги средувал убавите впечатоци од концертот, кога заедно пееле пред над 40.000 публика, и трагедијата доста го погодила.

-Што можам да кажам, тешко е сето тоа… Кога човек би можел повторно да се роди, би направил сите тие настани и постапки повторно да се тука, се што поминавме заедно… Утеха е тоа што ја имаме неговата музика, а неговата насмевка ќе го победи заборавот – вели Бојан.

Она што можеби малкумина го знаат, е дека песната ,,Чија си” на Тоше, со која тој во април 2003-та година настапи на фестивалот ,,Беовизија” и го освои првото место, а која потоа стана хит во регионот, првично му била наменета на Маровиќ. Авторката на популарниот рефрен, Леонтина Вукмановиќ ја напишала за него, но по игра на случајноста, песната завршила кај Проески.

-Песната отиде кај вистинскиот човек и не ми е жал. Некогаш животот прави свои компромиси. Едноставно, Бог го направил тоа да биде баш така, како што треба – раскажува музичарот.

Додава дека со Тоше имале многу планови, и дека верувале во моќта на музиката и во човечката добрина.

-Никогаш нема да знаеме што се можевме заедно да направиме… Верувавме во музиката, во добрите луѓе… Музиката е мојот пат, и не се откажав. Се водам секогаш со истата идеја, и нека биде така, се додека постојам – ни изјави Маровиќ.

Влезниците за концертот во чест на Тоше веќе се пуштени во продажба, по цени од 250, 350 и 800 денари, во зависнот од тоа за кој блок се работи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости