Бојан Јовановски оди во притвор

by fokus

Бојан Јовановски, менаџер на 1ТВ, вечерва оди во истражниот затвор „Скопје“, бидејќи судија на претходна постапка му одреди мерка притвор од 30 дена.

Претходно заврши и распитот на второосмничениот Зоран Милески, кој исто така заврши во притвор.

-Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење рганизиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд денеска беа спроведени две лица со предлог за определување мерка притвор.

По произнесување на спроведените лица и ценење на фактите и доказите
приложени во предлогот на обвинителството, судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и донесе решенија со кои на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена со оглед да смета дека се исполнети условите од член 165 ст.1 точки 1,2 и 3 од ЗКП
Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет, информираат од Кривичниот суд.

Обвинителството за организиран криминал и корупција ги сомничи Јовановски и Милевски затоа што наводно рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага на СЈО.

Рекетот се одвивал на тој начин што првоосомничениот Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари во замена за ослободување од кривично гонење. Од првично бараната сума од 8 милиони евра, цената била спуштена на 5 милиони, за на крајот 1,5 милиони евра му биле исплатени на првоосомничениот од страна на бизнисменот. Меѓу осомничените и бизнисменот за кој се воделе истражни постапки биле реализирани повеќе средби за кои посредувал второосомничениот Милевски.

„При овие средби, од сведокот биле побарани 8 милиони евра за да се запре истражната постапка против него. Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности, сведокот требало да исплати 5 милиони евра, со тоа што веќе дадените еден милион евра, во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат на рати“, изјави обвинителката Вилма Рускоска.

Првоосомничениот, како што објасни Рускоска, го искористил „своето влијание врз јавен обвинител“, или со други зборови, се повикувал на своето познанство со обвинителот за да добие пари од бизнисменот во замена за „олеснување на неговата положба“ во постапката.

В.В.

Поврзани новости