Откако на ТВ21 се емитуваше прилогот во кој семејството Зеќири од Тетово, родители со десетгодишно девојче молеа за помош од хуманите граѓани, бидејќи немале ниту за храна, Бојан Јовановски, сопственикот на 1ТВ и БМЈ Медиа Груп најави дека семејството ќе биде згрижено.
Вети дека во свое име и во име на неговата компанија, малата Амра и нејзините родители никогаш повеќе нема да бидат гладни, и ќе им биде обезбедно се што е потребно за достоинствен човечки живот.
-Ова девојче ќе може да спие мирно, сито, а не гладно! Гладните и жедните се наш срам, срам на секој од нас! Затоа, да не бидеме срамни луѓе, да бидеме солидарни, и да бидеме луѓе – порача Јовановски.
Семејството Зеќири пред два дена јавно раскажа за нивните проблеми и големата сиромаштија во која западнале. Живееле под кирија, без социјална помош и редовни примања. Девојчето се грижело за мајката која имала здравствени проблеми, додека пак таткото, кој продавал на пазар едвај заработувал по 100 денари на ден. Најчесто заспивале гладни, а сопственикот на станот каде престојувале под кирија, поради три неплатени сметки им најавил дека мора да се иселат.
Вики Клинчарова