Брена, Мадона за сиромашни или носталгија за Југославија?

by Fokus

Реакциите по повод големиот спектакуларен концерт на балканската музичка ѕвезда Лепа Брена, кој се одржа во саботата во ВИП Арена Борис Трајковски во Скопје не стивнуваат.

Педесет и осумгодишната пејачка која ја започна својата музичка кариера во далечната 1980 – та година, уште еднаш покажа дека е мајстор за спектакли, и без оглед на тоа што едни со години ја нарекуваа Мадона за сиромашни, а пак други кралица на модерниот фолк на Балканот, но и синоним на поранешна Југославија и животот кој некогаш го имавме како Jугословени, нејзиниот концерт е главна тема во медиумите во регионот.

Интересното сценарио, танчерите, спуштањето со импровизираната ѕвезда од плафонот, четирите впечатливи модни стајлизи кои пејачката ги промени во тек на концертот, но и емотивното појавување на сцената на нејзиниот сопруг, поранешниот тенисер Слободан Живојиновиќ, беа доволни за нејзините големи фанови уште еднаш да и оддадат признание дека е мајстор за добра забава.

Според многумина, таа е еден вид на жив споменик од времето на Југославија, а нејзините настапи се потсетник на минатите времиња, и токму поради тоа со децении трае на естрадата. И додека обожавателите ја фалат поради новитетите и оригиналните сцени за време на настапот, голем е бројот и на оние кои сметаат дека пејачката сепак, покажала премногу. Од светкавата долна облека под краткото здолниште, чевлите во стилот на легендарните ,,Бони М” комбинирани со кариран фустан, до акробациите кои ги изведуваше на сцената, според коментарите на социјалните мрежи на многумина, се работи за начин преку еден вид на кабаре шоу да се анимира публиката.

Сепак, ја сакале или не, Лепа Брена успеа да ја наполни арената, а нејзиниот концерт беше настан кој успеа да го сврти вниманието на јавноста. Регионалните медиуми го опишаа настанот во Скопје како голем спектакл на жената која никогаш не го преболела распадот на Југославија, и баш поради тоа за време на песната ,,Zar je važno dal se pjeva ili peva” не можела да ги сoкрие солзите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости