Според промоторот на новата политичка програма „Македонски концепт“ и активист на ВМРО ДПМНЕ, Петар Богојески за Законот за јавно обвинителство, односно за статусот на СЈО, треба да се одлучува во Собранието, а не помеѓу партиските лидери.
Каков е овој пример на суспендирање на парламентарната демократија и нејзина замена со “олигархиска демократија” во која политичките елити, малкумина, одлучуваат за живот или смрт во земјата, надвор од институциите на Републиката! Под итно политичкиот дијалог да се врати во Собрание и да се врати дигнитетот на пратениците. На што личи ова, дали се тие сопственост на лидерите? Под итно законот за ЈО да се пушти во собраниска процедура, па кој има забелешки или дополни нека поднесе амандамани. Па нека види целата јавност кои се аргументите на едните или другите и нека суди, кој се бори против криминалците, а кој ги заштитува! Мора да разбереме дека интересот на правдата е над интересот на политиката. Јасно е дека во интерес на правдата е предметите на СЈО да продолжат, но и да се изградат капацитети на ЈО или да се назначи ново обвинителство кое ќе ги расчисти аферите на актуелната власт, вели Богојески.
Според него, мора да се разграничи кој се бори за правда, а кој се бори за мафијата.
-Не може цела држава, па и цела партија да бидеме заложници на еден човек. Господин Мицкоски должи одговор пред цела јавност, но и пред ВМРО ДПМНЕ, за кого работи? За партијата и државата или за Груевски? Кој е поважен, Македонија или Груевски? Како може националниот интерес на Македонија да биде под личниот интерес на неколкумина? Каков патриотизам е ова?, прашува Богојески.
Катерина Смилева